Светската турнеја Мадона ја завршува со голем концерт во Рио де Жанеиро

Ѕвездата на американската и светската поп музика, Мадона, вечерва ќе одржи бесплатен концерт на познатата плажа Копакабана во Рио де Жанеиро, за да го означи крајот на нејзината турнеја.

„Тоа ќе биде нејзиниот најголем концерт досега, незаборавен, на една од најубавите сцени во светот“, стои на сајтот на американската уметница.

Билборди за пречек на Мадона: „Welcome Queen“ беа поставени во близина на плажата, додека околу 270 тони материјал за сцената беа доставени до плажата.

Концертот ќе го одбележи и враќањето на Мадона (65) во Бразил, каде последен пат настапи во 2012 година.

Вечерашниот настап ќе биде единствен нејзин концерт во Јужна Америка во рамките на оваа турнеја, која одбележува 40 години од нејзината кариера. За време на турнејата, Мадона настапи во десет земји.

Тоа ќе биде и единствениот бесплатен концерт на нејзината „Celebration Tour“, како знак на благодарност до обожавателите во Бразил.

Организаторите претходно најавија дека за концертот ќе биде потребна логистика слична на онаа на традиционалниот новогодишен огномет, кој се одржува секоја Нова година на плажата Копакабана и привлекува најмалку еден милион луѓе секоја година.

Градските власти очекуваат околу 150.000 странци, а место во хотелите речиси и да нема.

Во 2006 година, легендарните „Ролинг Стоунс“ одржаа концерт на Копакабана со меѓу 1,2 и 1,5 милиони гледачи.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното