Кој е Малиот Репки поради кој на 17 полицајци им се заканува живот зад решетки?

Апсење / Фото: Министерство за внатрешни работи

Зулќуфли Нуредини или попознат во скопското подземје како Малиот Репки е причината поради која вчера со лисици на рацете завршија 17 затворски полицајци од казнено поправната установа Идризово.

Малиот Репки повеќе години се криеше од правдата и малтретираше и рекетираше бизнисмени од скопскиот, тетовскиот и кумановскиот регион, а беше и организатор на повеќе грабежи. По распишана централна потерница, Репки беше приведен во октомври 2021 година во велешкото село Лавчани кадешто се криел од полицијата. Пред приведувањето Малиот Репки имал план да избега во Германија. Репки во мај месец 2022 година беше осуден на осум и пол години затвор.

Малиот Репки кој ја одлежуваше затворската казна во Идризово извршил бегство на 26 октомври минатата година додека бил на медицински третман. Во придружба на двајца затворски полицајци, се упатил во просторија за пушење во близина на болницата. Таму поминал околу половина час, по што затворските полицајци заминале, овозможувајќи му да избега.

Полицајците кои имале должност да го чуваат, не го пријавиле бегството кај старешините а тоа не го сториле ниту нивните колеги од втората смена, туку седеле без Репки во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од припадници на интервентната полиција.

Поради ваквата (не)намерна грешка, затворските полицајци завршија зад решетки, откако судија на претходна постапка им одреди притвор.

„Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица од кои за пет постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372, ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“, информираат од ОЈО ГОКК.

Според кривичниот законик за сторено кривично дело – „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ е предвидена казна затвор од една до 10 години.

Поради Малиот Репки „настрадаа“ и дополнителни 11 затворски полицајци кои во повеќе наврати му овозможувале на Репки кога сака да го напушта затворот на неколку часа.

„Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад“, се додава соопштуваат од ОЈО ГОКК.

За кривично дело – „Противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“ кривичниот законик предвидува казна затвор од три месеци до пет години.

По проблемите кој ги правел во затворот Идризово, Репки бил префрлен во штипскиот затвор, кадешто продолжил да биде во центар на вниманието.

Во неделата, во СВР Штип неговиот татко пријавил дека Репки му се јавил и му рекол дека има информации дека во текот на ноќта ќе биде нападнат. Тоа и се случило откако избила тепачка на полноќ помеѓу две групи на затвореници, а пред штипскиот затвор и дошле и 30 лица кои биле спречени од затворската полиција но и специјалци да влезат во затворот.

За време на физичката пресметка во затворот, со повреди се здобил еден вработен по што бил пренесен во Клиничка болница Штип за укажување на помош.

Приведени 17 припадници на затворска полиција во Идризово

Вработен во штипскиот затвор е повреден при тепачка помеѓу две групи затвореници

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот