Османи: Слоганот на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија повторно твоја“ е шовинистички

Бујар Османи прес/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Круна на шовинизмот – барањето за 61 пратеник „за да не зависиме веќе од нив“ за да ги исклучиме Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Власите и останатите и да ја вратиме етничката супремација од едно време, ете тоа се тие барања коишто даваат работа за јавниот обвинител во однос на членот 137 и тоа што ги извади луѓето на улица вчера за да го кажат својот глас, истакна Османи

За претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ Бујар Османи, слоганот на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори „Македонија повторно твоја“ е шовинистички.

-Слоганите коишто за жал македонската опозиција ги има во оваа кампања се косат директно со членот 137 од Кривичниот законик. Слоганот „Македонија повторно твоја“ е најшовинистичкиот слоган што можеше да се измисли, бидејќи со тоа сакаат да кажат дека фактот што има премиер Албанец или министер за надворешни Албанец, Македонија била на Албанците и сега треба да ја земеме од нив и да ја вратиме на другите, оцени Османи.

Праша, до каде ќе се оди со овој вокабулар ако секој почне да ја влече кон себе државата.

-За кого сум работел како министер за надворешни работи во овие четири години? За кого работи Талат Џафери како премиер на оваа држава или Фатмир Бесими како министер за финансии. Зар не работевме за сите, за овие граѓани, за оваа држава за да стане европска, вели тој.

Слоганот „Македонија повторно горда“, додава Османи, значи дека не била горда затоа што има премиер Албанец, затоа што имала министер за надворешни работи Албанец, па зарем тоа не е најшовинистичкото можно барање од еден кандидат којшто сака да биде претседател на оваа држава.

-Круна на шовинизмот – барањето за 61 пратеник „за да не зависиме веќе од нив“ за да ги исклучиме Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Власите и останатите и да ја вратиме етничката супремација од едно време, ете тоа се тие барања коишто даваат работа за јавниот обвинител во однос на членот 137 и тоа што ги извади луѓето на улица вчера за да го кажат својот глас, истакна Османи на прес-конференција во Скопје.

Прашан колку гласови очекува и дали би биле концентрирани во средините каде што има претежно албанско население, Османи потсети дека е кандидат на девет партии на четири етнички заедници, но ја бара поддршката на сите граѓани на Македонија за, како што рече, неговата визија за државава.

-А визијата е една и единствена – Северна Македонија – членка на НАТО и ЕУ, земја на еднакви можности за сите, земја партнер на САД. Многу јасна и проста формула за визијата за иднината на оваа држава. И секој ден добивам пораки од граѓани од сите етнички заедници, кажа Османи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од митингот во општина Аеродром порача дека е убеден дека она што ќе се случи после 8 мај ќе биде ослободување на Македонија и обединување околу пет важни принципи.

-Првото, почитување на владеење на правото, правна држава и одговорност за тие кои што се огрешиле спрема законите. Вториот принцип е економски развој, подигнување на животниот стандард и подобар живот за сите граѓани. Третиот принцип е водење на достоинствена надворешна политика, која што ќе се темели на меѓусебно почитување и одбрана на националните и државни интереси. Четврто, почитување на човековите права и слободи. Македонија била и ќе остане слободна, независна и суверена држава. Петти, можеби и најважен Македонија да ја вратиме на народот. Македонија му припаѓа на народот, бидејќи сега е украдена од неколкумина, би рекол дел од раководството на ДУИ и уште малкумина измеќари од ДУИ кои што се сè уште раководство во СДСМ, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, овие избори се референдумско изјаснување на македонските граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот