Рубрика: Информатика
Captcha веќе не е гаранција за спречување на ботовите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.08.2023 - 13:15

Автоматските системи, т.н. ботови, научија подобро од човек да ја решаваат captcha заштитата. Ова се оние лесни сликовни тестови од типот „Изберете ги сите слики каде што се појавуваат семафори“, „Впишете го прикажаниот текст “, „Изберете ги фотографиите со скали“... , со кои речиси секојдневно се среќаваме на интернет во ситуација кога треба да пристапиме до некоја веб-страница преку која треба да купиме билети за концерт, да испратиме документ или да завршиме некоја друга, за нас неопходна работа.

Акронимот captcha стои за Целосно автоматизиран јавен Тјуринг тест за разликување на компјутер од човек (Completely Automated Public Turing test to tell Computers and Humans Apart). Captcha тестовите се дизајнирани за да ги спречат автоматските системи, т.н. ботови да се претстават како луѓе и да добијат пристап до некои опасни операции како што се копирање податоци, создавање кориснички сметки или објавување лажни коментари и критики. Но, една нова студија објавена на arXiv, која сè уште чека на рецензија од научната заедница, покажа дека captcha тестовите веќе не бркаат речиси никаква работа, бидејќи ботовите станале побрзи и поефикасни од луѓето во нивното решавање.

Како што многумина од вас можеби ќе си споменат, првите верзии на captcha бараа од корисниците да препишат текст којшто со слика беше претставен погоре на речиси непрепознатлив начин. За кратко време ботови успеаја да ги решат овие тестови, па беше неопходно тие да се “апгрејдуваат”, односно да се направат посложени. Во 2019 година Google ги замени captcha со re-captcha, понапредна верзија на тестот, за која шефот на техничкиот оддел, Арон Маленфант, уште тогаш кажа за The Verge дека за околу десет години и оваа технологија нема ништо да ни вреди, бидејќи во меѓувреме ботовите ќе научат да ги решаваат и тие тестови.

Новата студија анализирала 200 од најпопуларните веб-страници, од кои 120 користеле captcha. Tие побарале од 1000 луѓе од различен пол, возраст, потекло и образовно ниво да решат десет различни типови на тестови, оценувајќи ја нивната тежина. За некои, на учесниците им биле потребни меѓу 9 и 15 секунди, со точност на решавање помеѓу 50% и 84%. На ботовите, од друга страна, им била потребна во просек помалку од една секунда, при што сите тестови биле решени со речиси апсолутна точност. Имено, како што пишуваат истражувачите „Типично ботовите имале помеѓу 80 и 100% точни [решенија], а просекот беше над 96%“.

Времето на решавање на тестовите за ботови беше значително помало од луѓето во сите случаи, освен кај re-captcha тестовите, каде на луѓето за решевањеим биле потребни во просек 18 секунди, а на ботовите 17,5 секунди.

Клучни зборови: