Зачленувањето во ЕУ е граѓанска кауза

08.02.2024 15:44
Зачленувањето во ЕУ е граѓанска кауза

Зачленувањето во ЕУ не е само политичка, туку е и граѓанска кауза. Оваа кауза ја споделувам од раните студентски денови и со неа е поврзан мојот безмалку континуиран граѓански активизам во изминатите 37 години, на теми поблиску поврзани со екологијата и демократизацијата на нашето општество. Притоа мојот личен и доброволен ангажман го артикулирам низ граѓански организации со автентична и независна агенда.

Ова го нагласувам како контраст на партискиот – пристрасен активизам со кого имам лично, но сепак временски многу поограничено искуство, и од причина што неретко партиските и граѓанските агенди се прелеваат и тоа најмногу поради обидите на политичките партии да тактизираат преку поттикнување на свои членови и симпатизери да создаваат граѓански организации со затскриена партиска агенда, но и од други, па и комерцијални мотиви.

Дали една граѓанска организација е автентична во своите заложби, може лесно да се детектира низ односот кон и комуникацијата на решенијата за кои се залага. Притоа одлика на таквите граѓански организации е претежно критичкиот однос кон реалноста и постојаното принципиелно залагање за ефикасно и ефективно подобрување на состојбите, без оглед која партиска формација е на власт. Овие залагања се вообичаено гласни, а критиката може да биде помалку или повеќе конструктивна (во зависност од квалитетот на аргументите), но само на овој начин граѓанското општество може да биде истовремено реторички коректив на власта и поттикнувач на позитивни промени во општеството. Иако формални механизми за консултација со граѓанското општество се воспоставени кај нас, сепак со членството во ЕУ повеќекратно ќе се зголемат можностите за реално вклучување и остварување на поголемо влијание на граѓанските организации врз процесите на креирање на закони и политики.

Има и низа други причини зошто зачленувањето во ЕУ е значајно за граѓанските организации. Кон ЕУ се пристапува низ процес на усогласување на сопствената правна и институционална рамка со стандардите на ЕУ и врз основа на почетна но истовремено ефективна операционализација на европското законодавство. Преку промоција на демократските вредности, заштитата на човековите права и слободи, и владеење на правото како темели на Европската Унија, се создава опкружување што истовремено го поттикнува развојот и овозможува одржливост на граѓанското општество. Впрочем, да се создаде усогласена правна рамка со таа на ЕУ, значи да се воспостави рамка за непречено функционирање и развој на граѓанското општество. Нема развиено демократско општество без отпорно и одржливо граѓанско општество. Од друга страна, кога едно општество избира да биде авторитарно, каузално се случува подривање и маргинализирање на граѓанското општество и следствено – губење на тешко освоените граѓански права и слободи.

И покрај бавното одвивање на пристапниот процес кој во моментов поради политичката поларизација е во неизвесен застој, со години наназад и сега ЕУ испорачува техничка помош и вложува сериозни финансиски средства за опстојување и зајакнување на капацитетите на нашите граѓански организации. Со самото зачленување, поддршката на граѓанскиот сектор кај нас би се мултиплицирала поради пристапот кон силни програми за финансирање на цивилното општество во ЕУ, особено на теми поврзани со човековите права, родовата еднаквост, социјалната вклученост, заштитата на правата на малцинските заедници, заштитата на животната средина и образованието. Нашите граѓански организации соработуваат со слични организации во ЕУ но пристапувањето во ЕУ ќе им овозможи формално членство и влијание во европските мрежи на граѓански организации, резултирајќи со дополнителни можности за финансирање, непосредна размена на знаење и вештини, програмирање и спроведување заеднички иницијативи и повеќекратно зголемено влијание поради заедничките напори за застапување на споделените каузи. Членството во ЕУ ќе овозможи и зголемена меѓународна видливост како и кредибилитет за нашите граѓански организации, а преку нив и поширок демократски и цивилизациски легитимитет за државата.

И еден коментар околу дијалогот меѓу властите и граѓанското општество, и тоа помалку за политиката како занимање и вештина, а повеќе за квалитетот на политиките кои се нудат или спроведуваат. Во ЕУ, во начело и покрај отстапувања во неколку држави членки чии власти инклинираат кон авторитарното, има цврсти механизми низ кои се олеснува дијалогот меѓу владите и граѓанското општество, односно овозможена е средина каде што граѓанските организации активно учествуваат во дискусиите во најрана можна фаза на подготовка на политиките и законите, и далеку пред да се донесат конечни политички одлуки. Ваков ангажман е гаранција дека постои и се води инклузивен процес на консултации и дека на крај формулираните закони и политики ќе ги земат предвид потребите на засегнатите страни, ако не целосно барем во значаен обем.

Оттаму и нужноста кај нас да воспоставиме поредовни, целосно функционални и одржливи механизми за поттикнување на граѓаните да учествуваат во демократскиот процес, лично или низ граѓански организации, и порамноправно во споредба со партиите. На граѓанските организации им се потребни функционални механизми што ќе овозможат непосредна демократија како контратежа на репрезентативната демократија. Една вистинска либерална демократија ги држи во рамнотежа непосредното и репрезентативното, бидејќи искуството покажува дека репрезентативното лесно отклонува кон авторитарното.

Особено во поларизирани општества со латентен конфликтен потенцијал, но и во мултиетничко општество како нашето, улогата на автентичниот граѓански сектор и во минатото, но и денес, е од есенцијално значење, бидејќи токму тој сектор кој во начело е или треба да биде ослободен од амбиции за владеење, најсилно и најискрено се залага за намалување на конфликтите во општеството, промовирање на стабилност, демократија и владеење на правото.

Влегуваме во изборен процес, и повеќе од пожелно е за најгорливите прашања, медиумите да овозможат да се слушне мислењето на граѓанскиот сектор за политичката понуда на партиите и нивните кандидати. Ова првенствено ги вклучува најгорливите прашања и дилеми како што е застојот во пристапниот процес, уставните измени, начинот на кој ќе се управува со поврзани ризици, не само социо-економски туку и безбедносни, како овој застој се одразува во моментов и може да се одрази на секторските политики и внатрешните демократски процеси, кои можности граѓаните ги губат поради застојот или што добиваат, итн.

На овие прашања покрај непристрасната експертска јавност најдобар објективен одговор може да дадат автентичните граѓански организации. Затоа ни е потребно опкружување во кое граѓанското општество ќе продолжи непречено да игра конструктивна улога во справувањето со социјалните и политичките предизвици превенирајќи да прераснат во конфликти. Такво опкружување најбргу се создава преку зачленување во Европската Унија.

Слики: Talita Hoffmann

Извор за текстот: Слободен печат