Maкедонските медиуми известуваат професионално во овие траорни моменти, оцени Министерство за дигитална трансформација

Министерство за дигитална трансформација како надлежно за уредување на прашањата поврзани со медиумите и медиумското работење, апелира на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници.

Од тука велат дека недопустливи се заканите упатени кон новинари, уредници и медиуми, кои имаат за цел да спречат непристрасно, отворено и квалитетно медиумско известување.

„Споредено со многу поразвиени општества, македонските медиуми и медиумски работници покажуваат исклучителна професионалност во работата и известувањето, во овие траорни моменти на колективна тага и гнев. Апелираме до надлежните институции за итна и ефикасна реакција, со цел да се утврди одговорноста на секој оној кој се заканува и го попречува работењето на медиумите за да се обезбеди заштита на новинарите од вакви притисоци“, велат од Министерството.

Се додава дека овие тешки моменти се тест за целата држава, а безбедноста на новинарите е од најголема важност за  функционирање на демократијата.

Во текот на вчерашниот ден беа упатени закани кон медиуми и новинари. До тоа дојде откако неколку регионални медиуми споделија траорни фотографии и видеа од погребот на жртвите во кочанската дискотека, а на индиски јутуб канал (за кој многумина помислија дека е Си-ен-ен) имаше и дирктен пренос од погребот во Кочани, каде вчера беа закопани 30 млади луѓе. Македонските медиуми кои неуморно работеа во текот на изминатите денови, се придржуваа до протоколот во зона оддалечена 300 метри од погребната церемонија и не прикажуваа снимки и фотографии од закопот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.