Светски ден на аутизмот: Раното препознавање води до позитивни резултати подоцна во животот

Точка

02/04/2024

16:44

3.669

Големина на фонт

а а а

Светскиот ден на аутизмот се одбележува на 2 април. Целта на одбележувањето на овој датум е да се помогне и да се зголеми разбирањето за луѓето со аутизам, давајќи им поддршка ширум светот.

Аутизмот или нарушување на аутистичниот спектар кој се однесува на широк опсег на состојби кои се карактеризираат со нарушувања во социјалните вештини и комуникација, повторливо однесување, промени во говорот и невербална комуникација.

Начините на кои луѓето со аутизам учат, размислуваат и решаваат проблеми може да варираат од високо квалификувани до сериозни предизвици. Некои личности со аутизам може да имаат потреба од значителна поддршка во секојдневниот живот, некои помала поддршка, додека во некои случаи, живеат потполно независно.


Знаците на аутизам обично се појавуваат во втората или третата година од животот. Некои поврзани доцнења во развојот може да се појават порано, а често може да се дијагностицираат уште на 18 месеци. Истражувањата покажуваат дека раната интервенција води до позитивни резултати подоцна во животот на луѓето со аутизам.

Фактори на ризик за развој на аутизам

Генетски ризик фактори за аутизам

Истражувањето ни говори дека аутизмот има тенденција да се јавува меѓу членовите на исто семејство. Промените во одредени гени го зголемуваат ризикот детето да развие аутизам. Доколку родителот носи една или повеќе од овие генетски промени, тие може да се пренесат на детето (дури и доколку родителот нема аутизам).


Фактори на ризик од животната средина

Истражувањата, исто така, покажуваат дека одредени влијанија од околината можат да го зголемат – или да го намалат – ризикот од аутизам кај луѓето кои се генетски предиспонирани за ова нарушување.

Зголемен ризик од развој на аутизам:

Зголемениот ризик за развој на аутизам вклучува: постара возраст на родителите (било кој од родителите), компликации за време на бременост и породување (на пр. екстремно предвремено пред 26-тата недела, мала тежина при раѓање, повеќеплодна бременост – близнаци, тројки итн.; бремености во растојание помалку од една година).


Намален ризик од развој на аутизам: употреба на витамини кои содржат фолна киселина во пренаталниот период и за време на зачнувањето како и во текот на бременоста – има влијание врз намалувањето на ризикот од развој на аутистични нарушувања. Јадење здрава храна, избегнувањето инфекции и редовните контроли кај избраниот гинеколог може да ги зголеми шансите за здраво дете.

Вакцините како ризик фактор

Секое семејство има уникатно искуство со дијагноза на аутизам, а за некои тоа се совпаѓа со времето на вакцинација на нивното дете. Истовремено, научниците спроведоа опсежни истражувања во последните две децении како би утврдиле дали постои некаква врска помеѓу вакцинирањето во детството и аутизмот. Резултатите од ова истражување се јасни: Вакцините не предизвикуваат аутизам. Американската академија за педијатрија има направено детално истражување на оваа тема.


Секое дете или возрасна личност со аутизам има уникатни предизвици, така да не постои единствен пристап за третман и интервенција на аутизам. Многу луѓе со аутизам имаат дополнителни медицински состојби како што се нарушувања на сонот, напади и гастроинтестинални нарушувања. Решавањето на овие состојби може да го подобри вниманието, учењето и поврзаните однесувања.

Секоја интервенција или план за лекување на аутизмот треба да биде адаптирано на специфичните потреби на личноста. Планот за третман на една личност може да вклучува интервенции во однесувањето, лекови, други терапии или комбинација од сите.


Додека аутизмот не се дијагностицира и не започне да се третира, родителите можат да помогнат така што ќе го следат социјалниот и емотивниот развој на детето, а доколку не изгледа онака како што треба, не треба да чекаат да поработат на отежнатиот развој и односот со детето.




Спонзорирани линкови

Маркетинг