Мултимедијален настан - „Одејќи по тенки линии”

09.04.2024 09:08
Мултимедијален настан - „Одејќи по тенки линии”

„Одејќи по тенки линии” е насловот на мултимедијалниот настан кој вечерва во 20 часот ќе ќе се одржи во резиденцијата на Делегација на Европската Унија.

„Вие сте луд, збунет, сосем надвор од умот. Но, ќе ви кажам една тајна. Сите најдобри луѓе се токму такви” - Алиса во земјата на чудата.

Според Светската здравствена организација, околу 25% од светската популација страдаат од душевна болест во даден момент од својот живот. 350 милиони боледуваат од депресија. Меѓутоа, иако постои значителен напредок во разбивањето на стереотипите и справувањето со стигмата поврзана со проблемите со душевното здравје, оние што чекорат по „тенките линии на умот” остануваат маргинализирани и дискриминирани, а душевните болести и понатаму се завиени во предрасуди.

Овој мултимедијален настан ги истражува ваквите теми преку инсталацијата на Дијана Томиќ-Радевска; перформансот во режија на Јован Ристовски и актерите Наталија Ристеска, Ангела Стојановска и Кристијан Танчевски, изложбата на уметнички дела под кураторство на Јасмина Котевска, која се состои од ликовни дела креирани во Психијатриската болница во Демир Хисар и ликовни дела на уметниците: Марија Трајановска, Лусиана Ампева, Касиопеја Наумоска, Снежана Мелник, Никола Пијанманов, Тони Попов, Сашо Блажески, Трајче Чатмов и Горан Стојчетовиќ. Мултимедијалниот настан ќе трае од 9 април до 31 мај во Резиденцијата на ЕУ во Скопје и ќе биде проследен со низа работилници во објектите на Europe House низ целата земја.

Регистрацијата за настанот е задожителна. Заинтересираните можат да одберат термин на следниот линк.

Пред сè, овие активности се осмислени да поттикнат национална дискусија за душевното здравје, да го изнесат проблемот надвор од сенката во светлината на нашиот секојдневен живот и да придонесат за похумано разбирање на аспектите од човековото искуство што можат да допрат до сите нас.

Размислувањето дека постои тенка линија меѓу генијалноста и лудилото може да се проследи уште од Аристотел, кој вели дека не постои голем гениј без трошка лудило. Историјата изобилува со значајни личности во уметноста, како што се Ван Гог, Бетовен, Вирџинија Вулф, кои се соочувале со сериозни предизвици поврзани со проблемите на душевното здравје. Освен тоа, честопати веруваме дека нивното „лудило” е она што ги разликува од плејадата други уметници и ги прави нивните дела ненадминати.

Колку се вистините приказните кои се плетат за „лудите уметници”? Дали има поголема инциденца на ментални заболувања кај уметниците? Крег Врајт во својата книга, Скриените навики на генијот (2020) се обидува да даде одговори на овие прашања. Истражувајќи ги животите на приближно стотина генијалци, вклучувајќи политичари, научници, композитори, писатели, поети и уметници, забележал дека најмалку една третина од нив, како Микеланџело, Њутн, Бетовен, Линколн, Тесла, Ван Гог, Вулф, Хемингвеј, Дикенсон, Плат, Пикасо и други, редовно се прикажуваат како ментално растроени.

Според Врајт, осврнувајќи се на неколку неодамнешни студии, научниците имаат најниска преваленција на психопатологија (17,8 проценти поретко од општата популација), додека пак стапката на ментални нарушувања драстично се зголемува кај композиторите, политичарите и уметниците, со најголема застапеност кај поетите (80 проценти) и писателите (46 проценти). Се чини дека психичките предизвици служат како инспирација за креативно изразување. Па сепак, ако го земеме примерот со Ван Гог, дали неговата уметност е производ на неговите ментални проблеми? Теоријата на уметноста многу од карактеристиките на стилот на Ван Гог често ги објаснувала преку неговото ментално здравје. Но, Ван Гог ја препознавал линијата помеѓу разумот и лудоста и знаел кога е здрав, а кога не е, па напишал: „Како пациент, не си слободен да работиш како што треба, а не си ни способен да го правиш тоа”.

Така, иако врската помеѓу делата на уметниците и нивните ментални состојби и заболувања може да личи очигледна, секогаш е потребно да бидеме претпазливи. Од една страна, митологизирањето на „лудиот” уметник ги сведува уметничките дела само на производ на еден болен или вознемирен ум, а од друга страна пак, преплетувањето на креативноста, уметноста и генијалноста со различните ментални заболувања доведува до митологизирање и глорификација на страдањето, а тоа само по себе е одење по „тенки линии”.

Извадоците од текстот погоре се подготвени од Ивана Трајаноска и Јасмина Котевска.

ОкоБоли главаВицФото