Достапни линкови

Критики и предизвици за усвоената реформа на ЕУ за мигранти и азил


Мигранти кои се обидуваат со чамец да стигнат до европско тло
Мигранти кои се обидуваат со чамец да стигнат до европско тло

Реформскиот пакет тежок две милијарди евра со кој ќе се менува миграциската политика на ЕУ, наиде на жестоки критики од невладини организации, левичарски и десничарски партии. Клучниот предизвик е спроведувањето на законот.

Сеопфатен реформски закон кој треба да ја промени миграциската политика низ Европа, беше изгласан во Европскиот Парламент. Целта на овој закон е да се олесни депортирањето на неуспешните баратели на азил на земјите-членки и да се ограничи влезот на мигранти. Европската комисија посочува дека за негово спроведување во пракса се предвидени две милијарди евра.

Долгоочекуваниот пакет мерки, познат како „Пакт за миграција и азил“, наиде на противење од крајната левица и десница и означува победа на европскиот центар пред парламентарните избори во јуни.

Сепак, постои загриженост за спроведувањето на пакетот, кој е силно критикуван од организациите за заштита на правата, со тврдења дека новата политика ќе доведе до помала заштита и поголемо кршење на правата, пишуваат светските медиуми.

Десет „комплексни“ пакети

Изминатава недела Европскиот парламент усвои нов „Пакт за миграција и азил“ како одговор на зголемениот број барања за азил и огромниот број мигранти сместени во тесни кампови.

Со ова, како што истакнува „Тајмс“, заврши системот утврден во Даблин, според кој, првата земја преку која мигрант влегол во блокот мора да го обработи барањето за азил. Од 2026 година, членките на Европската унија (ЕУ) наместо тоа ќе можат да ги преселуваат бегалците во други земји, каде потоа ќе побараат азил.


Пактот се состои од 10 комплексни „пакети“. Секој пакет работи само ако сите бидат одобрени, што, како што наведува лондонскиот весник, го претворило гласањето во одлука на се или ништо. Целта на ЕУ беше да создаде единствени правила за барањата за азил, така што мигрантите ќе бидат третирани подеднакво каде и да се обработуваат нивните барања.

Најспорниот дел од договорот, според Тајмс, е ревизијата на Даблинската регулатива, со која мигрантите бараа да поднесат барање за азил во првата земја на ЕУ во која ќе пристигнат. Тој дел ќе биде заменет со „механизам на солидарност“ кој ќе им овозможи на другите земји да прифаќаат трансфери на мигранти од земјите на пристигнување. Механизмот има за цел да го намали товарот на земјите кои се справуваат со најголемиот број новопристигнати мигранти, како што се Италија и Грција.

Договорот вклучува и мерки за подобрување на брзината на обработка на барањата за азил, како и дозволување притвор на надворешните граници на ЕУ. Барателите на азил кои имаат помала веројатност да добијат заштитен статус ќе бидат процесуирани побрзо. Заедничката база на податоци за пристигнувања ќе им овозможи на земјите од ЕУ да споделуваат информации за историјата на барањата за азил.


Барањата за азил во ЕУ растат, посочува Тајмс, додавајќи дека минатата година имало повеќе од 1,14 милиони, што е највисоко од мигрантската криза во 2015 година, покажуваат податоците на Агенцијата за азил на Европската унија.

Оваа година, додека владите ширум Африка паѓаат под воена хунта, честопати поддржана од Русија, официјалните лица очекуваат дополнително зголемување на пристигнувањата, особено од Судан, каде осум милиони беа протерани од своите домови поради граѓански судири, вклучително и 1,6 милиони кои веќе побегнаа во соседните земји.

Законот пред избори

Европските функционери и политичари имаа намера да донесат легислатива за ревизија на миграциските политики низ Европа пред парламентарните избори во јуни за да се спротивстават на антиимигрантските чувства што го поттикнуваат подемот на екстремно десничарските партии во неколку европски земји, објави „Њујорк Тајмс“.

По гласањето во Парламентот, последниот чекор, предлогот да стане закон е одобрување од Европскиот совет, формалност што се очекува во наредните недели.

„Сите ја разбираме оваа фундаментална вистина: миграцијата е европски предизвик што мора да се одговори со европско решение кое е ефикасно, праведно и цврсто“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен непосредно по гласањето во Парламентот.


Политичарите на ЕУ од централно-левичарските социјалдемократски, либерални и мејнстрим конзервативни партии го поддржаа нацрт-законот во средата, велејќи дека тој доволно го штити правото на азил додека ги затегнува границите, ги забрзува барањата за азил и го олеснува депортирањето на луѓето кои не се квалификуваат за азил .

Според оценката на весникот, донесувањето на законот пред изборите за Европскиот парламент сигнализира дека блокот ја признал загриженоста на гласачите за значително зголемување на бројот на пристигнувања на баратели на азил и економски мигранти по пандемијата, притоа зачувувајќи го она што ЕУ го нагласува како клучните вредности, како што е почитувањето на човековите права.

Сепак, законот продолжува да се соочува со противење од левицата и десницата, забележува Њујорк тајмс, додавајќи дека непартиските експерти за миграција посочуваат дека пакетот мерки не се однесува на главниот фактор зад растечкиот број барања за азил: недостатокот на легални миграциски патишта за квалификувани и неквалификувани работници кои се очајно потребни во неколку европски индустрии, вклучително градежништвото, производството и земјоделството.

Предизвици за имплементација на пакетот


Долгоочекуваниот пакет мерки означува победа за европскиот центар, иако со „сомнежи и загриженост“ за имплементацијата, приговори беа искажани од екстремно левичарските партии, како и од европските екстремно десничарски партии, посочува „Гардијан“.

Додека десницата тврди дека пакетот мерки не е доволен, екстремната левица смета дека законот е премногу строг и дека тоа значи напуштање на европските вредности на сочувство и човечко достоинство, предавање на екстремната десница и голем удар за човековите права.

Друг предизвик, како што посочува Гардијан, е спроведувањето на законот. Унгарија и Полска брзо рекоа по гласањето во Парламентот дека нема да прифатат преселување според новите правила за солидарност, додека екстремно десничарските, екстремно левите и зелените партии и невладините организации ветија, од различни причини, дека ќе продолжат да се борат .

Експертите, исто така, изразија сериозни сомневања за тоа како ќе функционира пактот, оценувајќи дека новиот систем, иако заснован на споделени одговорности, ќе биде бескрајно покомплексен и дека не сите земји-членки ќе бидат склони да вложат напори.

„Нè тепаат и протеруваат“: РСЕ со мигранти на српско-македонската граница
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:36 0:00


Засега, сепак, центарот на Европа може да ужива во некаква победа, истакна Гардијан.

„Имаме обврска пред граѓаните на Европа да покажеме дека Европа навистина може да работи, дека може да даде резултати“, рече холандската европратеничка Софи ин'т Велд пред гласањето.

Очигледно, имаше „многу оправдани сомнежи и загрижености за овој пакет“, рече таа, истакнувајќи дека сè „ќе зависи од имплементацијата“.

Остра критика на организациите за заштита на правата

Иако Брисел го опишува новиот Пакт за миграција и азил како голем напредок и „огромно достигнување за Европа“, организациите за човекови права силно го критикуваат, додека експертите изразуваат сомневање дека нема да биде доволно за да се намали бројот на пристигнувања мигранти, истакнува „Вашингтон пост“.

Иако пакетот мерки е под лупа со години, не е јасно како ќе функционираат некои од неговите клучни одредби, пишува весникот, истакнувајќи дека групите за права и застапниците на бегалците се вознемирени од промените, вклучително и правилата со кои се принудуваат деца на возраст од шест години. да обезбеди биометриски податоци.

„Овој договор ќе го уназади европскиот закон за азил во наредните децении. Неговиот веројатен исход е поголемо страдање на секој чекор од нечие патување за барање азил во ЕУ“, рече Ев Геди, директорка на канцеларијата на европските институции на Амнести интернешенел.

„Од начинот на кој тие се третирани од земјите надвор од ЕУ, нивниот пристап до азил и правна поддршка на европската граница, до нивниот прием во ЕУ, овој договор е дизајниран да го отежне пристапот на луѓето до безбедноста.

Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина ги повика земјите-членки да чекорат внимателно додека одат напред. „Пактот се фокусира на нормализирање на притворот и побрз процес на границите. И двата (начини) се загрижувачки. Притворот им штети на луѓето. Брзите одлуки може да го загрозат враќањето на луѓето на кои треба да им се даде азил“, се вели во соопштението на организацијата.

Договорот, според весникот Вашингтон, доаѓа во време кога различни европски земји, особено Франција и Германија, се движат надесно во однос на имиграцијата и миграцијата.

Во декември, кога беше постигнат договорот за миграција и азил, францускиот парламент донесе закон со кој се наметнуваат строги правила за имигрантите, што им отежнува особено да добијат бенефиции или начини за нивните деца да станат француски државјани. Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе заземе построг став додека поддршката за екстремно десничарската, антиимиграциска партија Алтернатива за Германија (AfD) расте.

Гласањето во Европскиот парламент на 10 април беше накратко прекинато од демонстранти кои скандираа: „Овој пакт убива. Гласајте Не!“.

XS
SM
MD
LG