„Маркарт“: Не треба да заминувате надвор од државата, и тука може да се работи по германски стандарди

Германската компанија „Маркарт” веќе една деценија е присутна на пазарот во Македонија, поконкретно во Велес. Нивната задача е да произведуваат ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили со највисока технологија, а најголемиот дел од процесите се роботизирани.

„Иновациите се нашата приказна, но сериозно сме посветени и на вработените. Им нудиме одлични услови, можност за кариерен развој и флексибилно работно време. Оваа инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции. Сакаме на младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди“, рече директорот на „Маркарт”, Јурген Шмит.

Според Антје Ванделт, директор на Германската комора (АХК) во Северна Македонија, Албанија и Косово, атрактивни можности за професионален развој младите можат да најдат и тука.

„Одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, а еден од нив е и компанијата „Маркарт”. Скоро една година сум во земјата и посетив голем број германски инвестиции, но и локални компании. Она што го видов е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените. Сметам дека овој тренд со се поголемиот број инвестиции и во иднина ќе расте“, истакна Ванделт.