06 Мај, 2024
0.0532

НАЈСТАРАТА МАКЕДОНСКА БАНКА СЛАВИ 80 ГОДИНИ, А ИМА И УБАВА ВЕСТ - еве како оствари чист профит поголем од 14 милиони евра

Објавено во: Финансии 26 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Ако нешто не е воопшто за изненадување, тоа е дека македонските банки продолжуваат да имаат одлични финансиски резултати. Така е и во првиот квартал од оваа година.

Тоа го покажа и најстарата банка во земјава, Стопанска банка Скопје, која објави фантастичен чист профит од над 14 милиони евра за периодот од првите три месеци од годинава.

Во однос на истиот период лани кога нето добивката изнесувала 11,4 милиони евра, зголемувањето е практично за 2,7 милиони евра, покажува Билансот на успех на банката.

Од самата банка во своето образложение кое го даваат до инвеститорската јавност велат дека солидниот резултат е остварен во услови на предизвици, но и во такви услови, се зголемени сите приходи.

„Првиот квартал од 2024 година претставува континуитет на исклучително сериозните предизвици со кои економиите и бизнисите, како глобално така и на ниво на домашната економија, се соочија во изминатите неколку години. Геополитичките тензии и конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, заедно со продолжените ефекти од енергетската криза и затегнатите монетарни политики на централните банки како одговор на инфлаторните притисоци, неминовно доведуваат до забавување на глобалниот економски раст. Како мала и отворена економија, Република Северна Македонија силно ги чувствува последиците од глобалните движења кои се рефлектираат и на растот на домашната економија“, се вели во образложението.

Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 21,9 милиони евра, што е за 17 отсто повеќе споредено со претходната година. 

„Задржувајќи го високо прудентниот пристап во однос на управување со квалитетот на кредитното портфолио, во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 387.330 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување изнесува 957.720 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 23 отсто. Во најголем дел, ова е резултат на зголемените приходи по сите основи поради зголемувањето на обемот на деловните активности“, се објаснува во образложението.

Ако го погледнеме билансот на успех, може да видиме дека Стопанска банка Скопје остварила нето приходи од камати на сума од 25,45 милиони евра во првото тромесечје од годинава. 

„Тоа е раст за 21 отсто во однос на истиот период од минатата година, како резултат на кредитните активности и вложувањето на вишокот ликвидни средства во првокласни инструменти“, објаснуваат од банката.

Како и вообичаено, нето приходите од камати се повисоки во однос на сите други приходи. 

Нето приходите од провизии и надоместоци се безмалку 3,5 милиони евра, што е раст за 3 проценти. Тоа, потенцираат од Стопанска банка Скопје, се должи на зголемениот обем на активности, односно испорачани услуги на клиентите, од кои најмногу во делот на услугите во платниот промет и картичното работење.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 500 илјади евра, додека, пак, останатите приходи од дејноста достигнале 1,85 милиони евра.

На расходната страна, најголем трошок е исправката на вредноста, која изнесува 6,3 милиони евра.

„Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е во приоритетните цели на банката. Оттука, заклучно со крајот на првиот квартал од 2024 година, банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа во износ од 387.330 илјади денари“, нагласуваат од Стопанска банка.

Трошоците за вработените изнесуваат 4,51 милиони евра, додека, пак, останатите расходи од дејноста се на ниво од 4,12 милиони евра. Од банката потенцираат дека ова значи контрола на трошењето. 

„И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени се за 11 отсто повисоки во однос на истиот период од претходната година“, се вели во образложението. 

Добивката пред оданочување за првиот квартал е 15,5 милиони евра, што е за 23 отсто повисока во однос на истиот период од минатата година.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. 

„Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27 отсто во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите“, велат од банката.

За одбележување е и фактот дека оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето, значаен период во кој постои и нуди свои услуги за нашиот пазар. 

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

БАНКРОТИРАШЕ ПОЗНАТА БАНКА! СУДБИНАТА НА МНОГУ КЛИЕНТИ ВИСИ НА КОНЕЦ - еве што можат да очекуваат после колапсот

БАНКРОТИРАШЕ ПОЗНАТА БАНКА! СУДБИНАТА НА МНОГУ КЛИЕНТИ ВИСИ НА КОНЕЦ - еве што можат да очекуваат после колапсот

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра

„МИНАТА ГОДИНА БЕШЕ 15, А СЕГА 350 ЕВРА, ОВА Е СРАМ ЗА ХРВАТСКА“ Превирања во популарното туристичко место поради огромниот скок на цените

„МИНАТА ГОДИНА БЕШЕ 15, А СЕГА 350 ЕВРА, ОВА Е СРАМ ЗА ХРВАТСКА“ Превирања во популарното туристичко место поради огромниот скок на цените

АКО ЛЕТОВО ОДИТЕ ВО ЦРНА ГОРА, БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ, ЌЕ ЛЕТААТ КАЗНИ ДО ИЛЈАДА ЕВРА: Еве зошто властите одлучија да ги казнуваат туристите

АКО ЛЕТОВО ОДИТЕ ВО ЦРНА ГОРА, БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ, ЌЕ ЛЕТААТ КАЗНИ ДО ИЛЈАДА ЕВРА: Еве зошто властите одлучија да ги казнуваат туристите

АКО ВО СРБИЈА ВИ СЕ ОТВОРИ ШАНСА ДА РАБОТИТЕ НА ОВИЕ МЕСТА, ЌЕ ДОБИЕТЕ „МРСНА“ ПЛАТА: Некои професии се плаќаат и 300 илјади денари

АКО ВО СРБИЈА ВИ СЕ ОТВОРИ ШАНСА ДА РАБОТИТЕ НА ОВИЕ МЕСТА, ЌЕ ДОБИЕТЕ „МРСНА“ ПЛАТА: Некои професии се плаќаат и 300 илјади денари

КАКО Е ДА СЕ БИДЕ РАБОТНИК ВО ШПАНИЈА: Се грижат за менталното здравје, а еве ги нивните плати

КАКО Е ДА СЕ БИДЕ РАБОТНИК ВО ШПАНИЈА: Се грижат за менталното здравје, а еве ги нивните плати

ПАРКИНГ ПРОСТОР НА ПРОДАЖБА ЗА „САМО“ 500 ИЛЈАДИ ЕВРА: Има само 18 метри квадратни, а се наоѓа на зелен простор! Еве каде е овој луксуз

ПАРКИНГ ПРОСТОР НА ПРОДАЖБА ЗА „САМО“ 500 ИЛЈАДИ ЕВРА: Има само 18 метри квадратни, а се наоѓа на зелен простор! Еве каде е овој луксуз

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст