Тешкиот вкус на стварноста

06.03.2024 11:29
Тешкиот вкус на стварноста

(Кон претставата „Животот е сон”, според драмскиот текст на Педро Калдерон де ла Барка, во режија на Диклан Донелан, во продукција на „Cheek by Jowl” од Лондон, Велика Британија, Националниот театар на класиката и продукција „LaZona” од Мадрид, во соработка со театарот „Barbican” од Лондон и „Scène Nationale d’ALBI” од Тарн, Франција. Главни улоги: Алфредо Новал, Ернесто Ариас, Ребека Мателан, Гоизалде Нуњез, Давид Луке)

Калдерон како еден од најплодните драмски автори својот најголем уметнички дострел го постигна со „Животот е сон”, пиеса која својот живот го живее на границата меѓу љубовта и лудилото. Живеејќи во истиот век со Пјер Корнеј кој посегнува по имагинативното и сомнабулното во своите „Театарски илузии”, Калдерон создава драмски текст со длабока надреалистичка подлога и лесно апсурдистичко ткиво кое поттикнува на интерпретации, особено на различни инсценации. Едноставноста и острината на Калдерон може да се долови во неговите зборови: „Што е животот? Лудило. Што е животот? Илузија, сенка, приказна. А најголемото добро e мало, зашто целиот живот е сон, а самите соништа се само соништа”, кои се еден вид на имагинативна гама која се вплотува и во самото сиже, но и во филозофските констелации на самиот текст.

Пјер Корнеј во своите „Театарски илузии”, три декади пред Калдерон во еден миг ќе каже: „Ние често им даваме различни имиња на нештата; она што за мене е трње, за тебе се рози“. Таа креативна дијагонала кај Калдерон се контекстуализира во политичка смисла и станува диверзификација на еден сон кој театарската илузија ја третира како толкување, а не како драматуршки инструментариум. Во таа насока приказната за лудилото на Сигизмундо се претвора во современа политичка манипулација која Диклан Донелан со своето видување на „Животот е сон” нè потсетува на тоа дека современото толкување на војната и политичкиот конзумеризам можат да станат најголема опасност за човештвото. Имено, Донелан соимнабулноста ја префрла на другата страна на театарската координата – публиката. Неговиот Сигизмундо е жртва на милитаристичкото толкување на светот, а она што тој го бара е реалитетот кој го продуцираме ние додека ја гледаме претставата. Овде се поставува прашањето: зошто Кларин е онаа фарсична варијанта на ликот кој кај Шекспир ја има идентификацијата во Шутот во „Кралот Лир”? Дали режисерското алоцирање на „овој и оној” свет во простор кој се дефинира со врати што водат на едно место е апсурдистичка интерпретација на она што во политичките конотации значи дека сите врати водат до монархот?

„Животот е сон” на Диклан Донелан се одлепува од приказната на разумна далечина и создава екумена која при своето умирање се обидува да остави траги во човештвото. Но, оваа претстава има една голема вистина во себе, а тоа е: војната. Милитантното експонирање во добар дел од претставата ја демаргинализира автократската димензија и сонот како дел од болната небулоза на Сигизмундо и како сенка во која Базилио се обидува да се сокрие, всушност станува дел од нашите соништа кои ги покриле вистинските настани што во дваесет и првиот век се обидуваат да ни ја обезглават приватноста и да ни го обезвреднаат идентитетот. Се чини дека токму заради својата универзаалност, овој концепт на Донелан функционира на повеќе нивоа и ја прави оваа претстава многу специфична и комплексна.

Сигизмундо на Алфредо Новал е една од најинтересните толкувања на овој круцијален лик во светската драматика. Имено, овој бескрајно талентиран актер во својата интерпретација ја отвора целата страдалничка гама на принцот кој тежнеејќи кон слава го губи својот свет, својата интима, својата идентитетска подлога. Алфредо Новал оваа улога ја донесува со една фундаментална животворност, со длабока емотивна струја, со исклучителен баланс на актерските дејствија. Тој креира лик на онеправден монарх со големи имагинарни апстракции, создава комплексен лик кој воодушевува. Неговиот Сигизмундо е бунтовен, но и очаен, а Алфредо Новал својот актерски персоналитет го подарува на ликот до последен атом создавајќи лик достоен за секој респект. Неговиот незаборавен Сигизмундо е актерска партитура која е парадигматична, а секако и еден незаборавен момент во светскиот театар. Диклан Донелан го оставил Базилио на Ернесто Ариас во онаа одора во која веројатно го беше облекол и Калдерон. Масивен и тежок во своите реплики, Ариас создава еден по малку фрагилен владетел кому во оваа концепција можеби и најмалку му е јасна целата приказна на Сигизмундо, а овој мошне интересен актер својот лик го одигрува и со извесна доза на ригидност која делува по малку комично.


Кога сме кај комичното мораме да го споменеме Кларин на Гоизалде Нуњез, кој во ова видување на „Животот е сон” е жена. Женскиот принцип ја има својата доминанта и кај Росаура и кај Естрела, како два антиподи каде што генијот на Калдерон го сокрил вистинското интерпретирање на родовиот имагинариум, совршено паралелен со оној во политичкиот простор. Женскиот Кларин во претставата носи една амбивалентност која има за цел да направи уште едно разграничување на „сонот” и „реалноста”. Имено, опстојувајќи до оној момент кога во приказната е потребна жртва, Кларин е единствениот лик кој успева да се одбрани од манипулативноста на ситуациите кои, за жал се развиваат во таа насока. Гоизалде Нуњез ја убива она што треба да ја спаси, а тоа е крајната политичка консеквенца која вели дека на некои нешта што се случиле треба да им се фрли пепел. Оваа талентирана актерка ни понудува лик кој својот андрогин предзнак го претвора во она што во светот станува водич за амбивалентни патници. Со голема елоквентност и одлична актерска енергија, оваа актерка, всушност ни го носи ликот кој е во најблиска корелација со режисерскиот концепт. Борбеноста на Росаура на Ребека Мателан и воздржаната Естрела на Ирена Серано се две женски обвивки на приказната во која сонот е само имагинативен апстракт за реалноста да стане место на заборав. Овие две актерки чија енергија е од исклучителна важност за целата претстава ни носат два женски апстракти кои ја подвлекуваат дилемата каде оди феминизмот во време кога идентитетот има политички третман, а борбата на половите веќе одамна нема смисла. Секако дека овде, со одлична актерска енергија се наметнуваат и Давид Луке како Клоталдо и Мануел Моја како Астолфо.

Визуелниот аспект на оваа претстава се одликува со голема прецизност во доловувањето на просторот кој со својот Пиранделовски илузионизам нè потсетува на тоа дека сите патишта водат на едно место, а тоа е празниот простор. Потпишана од Ник Ормерод, кој е и драматург на претставата, но и нејзин костимограф, оваа визуелна инсценација на „Животот е сон” во себе носи огромна инспиративност во толкувањето на целиот режисерски концепт. Живописноста и колоритноста на костимите и геометриската позиционираност на самата сценска поставка делува многу импактно и конечно го визуелизира сè она што значи политизиран аспект на драмскиот текст на Калдерон во најубава смисла на зборот. Овде мораме да споменеме дека практичноста и повеќезначноста на визуеалниот сегмент на оваа претстава е она што нè наведува на промисла околу длабочината на мислите на Калдерон и на нивното значење. Тука совршено се вклопува и музиката на Фернандо Епелде која ја следи и концепцијата, но и сценографската и костимографската подлога на претставата. Органичени до крај, аудио-визуелните моменти се големи двигатели на целото дејствие, но и на режисерското видување на овој класичен драмски текст.

Големиот британски драматичар и прозаист Бернард Шо во еден момент рекол: „Смислата на животот не е во тоа да се пронајдеш себеси, туку во способноста да се создадеш себеси”. Во современото толкување на „Животот е сон” на Калдерон наоѓаме едно прилично провидно оправдување во идејата да се пресоздадеме за да го направиме светот подобар или барем ние да сме подобри во него. Се чини дека Диклан Донелан се определил за тој тежок за поместување механизам на пресоздавање на човекот, отворајќи ги раните на Сигизмундо како да ги отвора нашите во време кога сè уште беснеат војни по старите цивилизациски теркови.

 Фотографии: Javier Naval