Мажите често имаат поинакво чувство за хумор, различно од она што го имаат повеќето жени. И тоа не престанува кога тие ќе станат родители. Сепак, се чини дека овој машки хумор, кој често ги лути мајките, крие вистинска животна мудрост за децата.

Не сме склони кон генерализации или предрасуди, но можеме без размислување да кажеме дека мажите имаат малку поинаква смисла за хумор од жените. Можеме да кажеме и дека татковците имаат малку „побудалеста“ смисла за хумор од мајките. Згора на тоа, фактот што станале родители – како дополнително да влијае врз развојот на нивниот хумор, во правец што често ќе ве натера да се запрашате – добро, што му е?!

Шегите на тато. Едни од првите целосно безопасни работи што може да ги доведат децата до солзи. Нема ништо смешно во тоа што можат да ги расплачат децата, понекогаш дури и не ви е јасно како тоа всушност се случува, но таквиот развој на настаните не е редок. Дали татковците навистина имаат толку лоша смисла за хумор? Не би рекле. Изгледа дека поентата е во нешто друго.

Знаете како таткото си игра малку погрубо со децата? Па, истото е и со шегите. Шегите на таткото се всушност вербална форма на груба игра. И како што е случајот со таа груба игра која честопати воопшто не им одговара на мајките, така е и со оваа вербална форма – на децата им се предава вредна животна лекција: како да се справите со непријатност, срам. Со цел да се разбере како децата може да имаат развојна корист од однесувањето на родител кој редовно користи глупави шеги, клучно е да се разбере што ги прави овие шеги навистина смешни.

Важно е да се има на ум дека има многу книги посветени на овој стил на хумор, а и таквите шеги често можеме да ги најдеме на интернет. Па, тогаш очигледно има нешто во нив што ги тера луѓето да мислат дека се смешни. Психолозите одамна дефинирале четири типа хумор:

-самоподобрувачки – шеги што ги кажувате за да изгледате добро

-афилијативни – шеги за зајакнување на односите

-агресивни – шеги за понижување на луѓето

-самопоразителни – шеги на ваша сметка.

Но, во оваа категоризација има многу различни поттипови, вклучително и антихуморот, кој можеме да им го припишеме на татковците.

Заеднички именител на сите видови хумор е некаквата неусогласеност – често прекршување на некој вид општествена норма. Шегите на таткото се јасни и соодветни за децата, но тие исто така се потпираат на непријатна игра со зборови. Сè на сè, тоа е вака: шегата на таткото може да биде толку глупава, толку будалеста, толку несмешна, што парадоксално ја прави смешна. Клучната поента на целата приказна е дека шегите на таткото честопати немаат поента. И тоа е проследено со еден вид непријатност. Но, и тоа е добро.

Децата реагираат слично на задевањето, иако се чини дека шегите на таткото имаат помал ефект врз нивната ранлива психа бидејќи самите деца не се предмет на шегата – татковците се. Кога татковците продолжуваат да ги кажуваат најглупавите шеги и покрај бурните реакции, тие им покажуваат на своите деца дека не треба да сфаќаат сѐ толку сериозно. Нивните шеги во себе кријат различни досетки, но освен тоа, тие имаат и една клучна состојка: шегите на таткото го вклучуваат фактот дека тој може да се смее сам на себе.

На овој начин децата учат дека „не се умира од срам“ и дека е во ред да се биде некогаш „патетичен“. Затоа, ако некогаш се вознемирите за некоја шега што ја слушате одсопругот и помислувате: „Па, добро, што му текна сега да го каже ова?!“, запомнете дека тоа е всушност добра работа, бидејќи вашите деца ќе научат дека е во ред некогаш да им биде непријатно и дека е во ред да кажете шега за себе. И тоа е корисна животна лекција!

Слободно продолжете да го охрабрувате таткото на вашите деца да кажува шеги. Вашите деца не мора да ги сакаат овие шеги за да имаат корист од нив. Всушност, веројатно е подобро да ги превртат очите и да воздивнуваат од досада. Ќе сфатат дека е во ред кога и тие ќе се најдат во таа позиција.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X