Интервју со Тамара Тодевска: Ѝ дадов шанса на љубовта, Лука ме прави среќна

Тамара Тодевска и Лука Радончиќ / Фото: Приватна архива

Поп-пејачката Тамара Тодевска, веќе подолго време е во љубов со архитектот и дизајнер Лука Радончиќ. Не крие дека е исполнета и среќна, а неодамна се вратија од заедничко патување од Мадрид. За себе вели дека не е личност со големо его и дека е свесна дека честопати својата приватност ѝ ја става на „тацна“ на јавноста, но тоа го припишува на својот карактер.

„Тоа сум јас… и тешко дека би се променила во иднина. И ова не е само на љубовен план туку буквално и во другите сегменти од животот“, вели Тамара.

За новата љубов, за односот со поранешниот сопруг, за музиката, мајчинството и за патувањата зборуваме со Тамара за „Слободен печат“.

Одамна не е тајна дека си среќна и вљубена. Како за почеток, што е првото што најмногу ти остави впечаток кај Лука и со што те освои? Како почна вашата љубов?

– Спонтаноста, едноставноста, позитивната енергија се секогаш особините што ме привлекувале… Лука е многу внимателен и посветен. Оттука, јасно е зошто добро функционираме.

Фото: Приватна архива

Кога ги објави првите фотографии, го привлече вниманието на јавноста, колку е тешко една јавна личност да компензира меѓу љубовта и љубопитноста на јавноста?

– Па, како што и самата кажуваш, а и сите гледаат, немам проблем да покажам кога сум вљубена и кога некого сакам безусловно. Тоа колку е добро, толку е и лошо. Затоа што на „тацна“ ставам дел од мојата приватност, од мојата интима, но тоа сум јас. Секогаш искрена, директна и отворена кон сите. Немам големо его и свесна сум дека светот не се врти околу мене. Тешко дека би се променила во иднина. И ова не е само на љубовен план туку буквално и во другите сегменти од животот.

Лука е дизајнер и архитект, ти си музичар, уметник. Колку се надополнувате еден со друг и како уметници, но и како двајца што се сакаат?

– Апсолутно дека и дизајнот и архитектурата се уметности. Имаме допирни точки, а тоа особено го видов и при нашето последно патување, во Мадрид, минатиот месец. Лука сака архитектура, сака минимализам, знае честопати да каже што му се допаѓа или не му се допаѓа во моите нови песни, спотови и тоа е сосема прифатливо за мене.

Фото: Приватна архива

Не е тајна дека со поранешниот сопруг сте во добри односи. Сепак, секоја разделба е тешка, како ја преброди?

– Апсолутно дека со Мачка имам добра комуникација. Ние сме биле во брак, сме поминале многу моменти заедно, а Хана и Дарен се нашите деца, кои премногу ги сакаме и за кои сѐ би направиле. Разделбите никогаш не се лесни. Не е лесно кога се разделуваш од некоја другарка, другар, кога прекинуваш комуникација, а особено со човек со кого имаш и деца. Но, тоа е животот. Силна сум, опкружена сум со искрени пријатели, соработници, си ја сакам работата и така продолжив напред.

Колку и да е разводот тежок, особено поради децата, дали некогаш е подобрата опција?

– Секако дека треба да се направи напор, да се даде втора шанса, но ако гледаш дека нешто едноставно не оди и не функционира – разводот е подобра опција и за децата. Децата треба да растат во здрава и квалитетна средина. Ако бракот ги губи контурите на среќа и хармонија, тогаш, пред сѐ, заради децата треба да ја направиш промената. И јас и Мачка ова го сфативме и затоа сега добро функционираме и се грижиме заедно за децата.

Фото: Приватна архива

Верувам дека сепак целиот твојот свет се врти околу Дарен и Хана. Дали си строга мајка? Како е кај вас дома, можеш ли сè да доведеш во ред? И деца и куќа и музика?

– Понекогаш баш е хаос. Особено во работните денови. Училиште, градинка, тренинг, часови по танцување, мојата работа, снимања во студио, проби, интервјуа, настапи… Не е едноставно, но јас сакам кога е динамично. Таква сум по природа и брзиот начин на живот не ми пречи. Дополнително, ова се убави работи, слатки обврски и навистина е глупаво да се жалиме.

Она што ми остава впечаток е твојот изглед. Прилично ослабена. Вежбаш, внимаваш на храната, дали беше на некој посебен режим?

– Од сѐ по малку. Континуирано вежбам, периодов и повеќе се движам, активна сум… Дополнително, внимавам на храната, иако знам да направам отстапка. Сепак, клучот е во балансот и во внатрешната среќа и мир. Ако внатрешно се чувствуваш убаво, тоа се рефлектира и на надворешниот изглед.

Колку често си во кујната и имаш ли некој рецепт што го подготвуваш со огромна љубов?

– Не дека ми е омилено место кујната, но знам да зготвам, да подготвам ручек. Особено во празничните периоди, некако ме фаќа таа манија за готвење. Готвам буквално сè. Месо, зеленчук, паста…

Фото: Приватна архива

Често си на патување, има ли некое место што ти е особено при срце?

– Тешко прашање. Но, секое место што излегува на море ми е при срце. Сакам сонце, вода, море, таа свежина во воздухот. Едноставно уживам. Не би одвоила место, но важно е да е на море, покрај вода.

Ајде малку за музиката. На твоите настапи е секогаш полно, постојано си ангажирана. Тешко ли е да се одржи популарноста со сите подеми и падови низ овие години и која е тајната на успехот?

– Не е лесно. Иако многумина мислат дека во Македонија, ние неколку артисти живееме на „стара слава“, тоа воопшто не е така. Мора постојано да работиш, да издаваш песни, да ги следиш трендовите, вкусот на публиката, да останеш своја и автентична, но и да се адаптираш на новото време. Среќна сум што можам да пеам авторска музика и што публиката пее 90 отсто од песните во придружба со мене. Нема поголема награда од тоа за еден артист.

Патот за освојување на српската сцена, колку е полесен поради твојата сестра Тијана? Од друга страна, конкуренцијата е голема?

– Тијана ми е огромна поддршка, не само за регионалната сцена, туку и за Македонија. И таа е често кај нас и постојано разговараме, ми дава совети… Србија е друг „пазар“. Тијана е мошне етаблирана таму и апсолутно дека имам добра основа за да работам и таму. Имам повеќе песни и на српски јазик и гостувањата во Белград навистина ми се задоволство. Таму секогаш сум добредојдена, публиката ме прифаќа и има некоја убава енергија. Точно, во Србија има хиперпродукција, конкуренцијата е голема, но мислам дека имаат сцена и простор за сите. Пред некоја недела бев во Србија, подготвувам нова музика, така што следете ме, ќе има убави вести.

Фото: Приватна архива

Ако направиш еден пресек на сè, која е твојата омилена песна што си ја отпеала?

– „Proud“ е песната за која ме врзуваат прекрасни спомени и ми го донесе најголемиот успех, како за мојата кариера, така и за Македонија, при афирмација на земјата на евровизиската сцена. Секогаш сум посебно емотивна и среќна кога ќе се присетам на Евровизија 2019, на Тел Авив, на тој тим, енергија и на моментите кога цела Европа ни делеше 12-ки… Уф, не знам дали би можела да одвојам, но секоја песна ми е драга и во одреден момент одбележала дел од мојот живот. Но, ако морам да издвојам, нека бидат „Довидување таго“ и мојата прва песна во која се јавувам како текстописец, „Нијагара“.

Кои се новите предизвици и какви се реакциите за песната „Его“, со Јанг Дади?

– „Его“ е веќе неколку денови во етер и навистина поминува добро. Читам и слушам многу позитивни коментари и тоа ме радува. Песната е трендинг на Јутјуб, а веќе се слуша и на домашните радиостаници. Дади е навистина талентиран млад артист и секогаш сакам да давам поддршка на наши, домашни артисти во подем. Сакам да му се заблагодарам на целиот тим што работеше на овој проект, особено на Роберт Билбилов, кој ја создаде музиката и аранжманот, Генц Халими, кој го режираше спотот, како и сите други што се погрижија за нашиот изглед и сѐ да изгледа како што беше замислено. Истовремено подготвувам и снимам и други песни, за кои секако ќе бидете известени. Подготвуваме и некое изненадување за септември, почеток на есента, но ајде тоа да биде повод, причина за уште еден наш разговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот