112 години од раѓањето на народниот херој Орде Чопела

Орде Чопела (Јордан Чопела) е роден 1912 година во Варош – Прилеп, во тутунарско семејство.

Во 1933 и 1934 година служел војска, а потоа се оженил, и имал две ќерки.

На изборите во 1938 година, Орде Чопела бил активен агитатор.

Од 1940 година бил припадник на КПЈ.

Активен бил во здружението на тутунопроизводителите. Поради учеството во организирање на штрајк против Монополот, со цел да се зголемат откупните цени на тутунот, му била испратена покана за воена служба. Таму, исто така, организирал бунт поради квалитетот на храната и бил осуден на три месеци затвор.

По окупацијата на Југославија, како член на МК на КПЈ во Прилеп, Чопела работел на организирање востание и учествувал во организирањето на Прилепскиот партизански одред. На 16 јули 1941 година во станот на Орде Чопела во Прилеп била формирана Прилепска воена комисија.

По директива на Покраинскиот комитет на КПЈ, во јануари 1942 година престојувал во Битола, каде што требало да подготви партизнски одред во Битолско.

На 8 април 1942 година, во Битола бил предаден и по куса борба бил смртно ранет од бугарската фашистичка полиција, при што му подлегнува на раните на 9 април 1942 година.

Орде Чопела посмртно е одликуван со Орден на народен херој на Југославија на 2 август 1949 година.

Во негова чест, едно од средните училишта во Прилеп го носи неговото име.