Достапни линкови

Странските студенти во Бугарија се жалат на расизам и насилни напади


илустрација
илустрација

Со неговата работна етика, а да не ја спомнуваме неговата способност да зборува на локалниот јазик, а не со неговото вистинско име, Асјар продоби многу фанови во болницата во Бугарија, каде што често волонтира.

Но, така не мислат сите. Ајсар вели дека некои вработени во болницата, каде што работи за да се одмори од студиите по медицина, јасно му ставиле до знаење дека не го сакаат таму.

„Тоа е расизам. Видов како оваа колешка се однесува кон бугарските студенти и белите странски студенти, и гледам како таа се однесува кон мене“, изјави за бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, Ајсар кој е роден во Германија од пакистански родители, но поголемиот дел од својот живот го живеел во Британија.

Ајсар е еден од илјадниците странци кои сега студираат на универзитетите во Бугарија. Надоместоците што тие ги плаќаат го зголемуваат финансирањето на образовниот систем во земјата. Сепак, неодамнешните напади врз странски студенти укажуваат на, како што велат активистите, зголемената ксенофобија во Бугарија, некои од нив поттикнати од дезинформациите што се шират на социјалните мрежи, вклучително и неодамнешните неосновани тврдења дека Бугарија е на работ на нов бран на илегална миграција.

„Воопшто не се работи за студентите, се работи за ксенофобијата која ја има во општеството и уличното насилство, било да е тоа вербално или физичко“, изјави за РСЕ Илиана Савова, директорка на програмата за бегалци на бугарскиот Хелсиншки комитет.

„Крајно е загрижувачки што во едно европско општество во 21 век сме сведоци на такви злосторства од омраза, а уште позагрижувачки е што тие се политички испровоцирани“, вели Бистра Иванова, претседателка на Мулти Култи колектив, бугарска невладина организација која работи на интеграција на мигранти и бегалци.

Расизмот одамна ја измачува Бугарија, како што може да потврди нејзината значителна ромска заедница, и е често поттикнат од националистички и ксенофобични политички партии и одредени медиуми.

Но, и Софија презеде чекори за да се спротивстави на тоа. Во јули 2023 година, бугарското Народно собрание, усвои закон за измени и дополнувања на Кривичниот законик, кој предвидува построга казна за злосторствата за кои се смета дека се засновани на расистички или ксенофобични мотиви.

Жалби за сексуално вознемирување

Ајсар, кој е во својата последна година како студент по медицина на Медицинскиот универзитет во Плевен, вели дека планира да се врати во Британија, откако ќе ја добие својата медицинска диплома.

Како Бугарија се однесува со мигрантите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

Ајсар вели дека неговото искуство во Плевен, град со околу 90 000 жители во северна Бугарија, во голема мера било позитивно и дека уживал да живее таму, иако признава дека често се соочувал со вербална злоупотреба, жалба вообичаена и за другите странци, кои велат дека се издвојуваат поради неможноста течно или воопшто да зборуваат бугарски.

Но, непријателството со кое се соочил од колегите во болницата во Плевен го остави занемен. Еден член на персоналот, раскажа тој, му се заканил дека ќе го избркаат.

„Еднаш ми се закани (еден од нив) дека ќе разговара со шефот на студентскиот совет и ректорот за да ми забранат да доаѓам“, изјави Ајсар за бугарскиот сервис на РСЕ.

Друг член на персоналот, кој сакаше да остане анонимен, случајно навести дека Ајсар, кој е оженет, малтретирал женски персонал во болницата, обвинение што тој го негира.

„Тој треба да си го знае местото, да ги остави бугарските девојки на мир, бидејќи тие се само за нас, бугарските мажи“, рече тој за РСЕ.

„Колегите беа шокирани“, вели Ајсар, а „многу од медицинските сестри ме бранеа“.

Ајсар е еден од илјадниците странски студенти кои студираат на универзитет во Бугарија, а неговото искуство се совпаѓа со повеќе од неколку од нив.

Само во последниве недели, Бугарија беше сведок на два инциденти во кои беа вклучени странци, повеќето студенти, кои се чини дека беа цел поради ништо друго, освен бојата на нивната кожа.

На 7 март, британските студенти по медицина од Универзитетот во Пловдив беа малтретирани на туристичка станица во блиското село Храбрино, при што групата беше накратко приведена од локалното население, кое очигледно било убедено дека се илегални мигранти.

Еден ден подоцна во Софија, повеќе британски студенти по медицина, исто така со пакистанско потекло, беа нападнати во центарот на бугарската престолнина, инцидент што полицијата го оцени не како расен напад, туку како обид за грабеж.

Според Иванова од Мулти Култи колективот, расизмот сè уште е широко распространет низ Бугарија, кое има традиционално конзервативно општество.

„Додека мажите често се навредувани, физички загрозени, а понекогаш дури и тепани, жените „уживаат“ во агресивното сексуално внимание, а исто така се сметаат за сексуална цел, бидејќи се „егзотични“ и „привлечни“. Наместо да им ласкаат, повеќето девојки и жени доживуваат постојан стрес и страв од насилство“, рече Иванова.

Иако бил отсекогаш присутен, проблемот со расизмот се чини дека се влоши во 2013 година. Во тоа време, Бугарија го доживеа својот прв значаен бран мигранти , кога многумина бегаа од конфликтот во Сирија барајќи заштита, вели Илиана Савова од бугарскиот Хелсиншки комитет.

„Оттогаш, омразата кон странците е намерно, проактивно и систематски всадена во општеството, што е класичен метод за одвлекување внимание од неможноста да се управува со земјата и од сопствените злодела (како што е корупцијата итн.) Посочувате на странски, надворешен непријател и ја префрлувате целата вина за лоштите работи во нашето општество врз нив“, објаснува Савова.

Сега во Бугарија се разбудуваат стравувања поради гласините дека земјата може да се соочи со нов бран мигранти.

Неоснованите стравови се поврзани со веројатноста Бугарија (вклучена е и Романија) наскоро да се приклучи, барем делумно, во Шенген зоната, која овозможува слободно движење на луѓе меѓу 27 европски земји (23 земји-членки на ЕУ плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија).

Од 31 март ќе има слободно движење за оние кои пристигнуваат со летови или со брод во Бугарија и Романија. Сè уште не е јасно кога ќе се отворат копнените граници.

Неодамнешните инциденти во Софија со странски студенти и бегалци ги поттикнаа апелите од некои политичари да го засилат полициското присуство на улиците. Со зголемувањето на тензиите, неколку стотици луѓе демонстрираа во Софија на 12 март пред бегалскиот центар во областа Овча Купел во главниот град барајќи тој да биде затворен.

Тие антимигрантски чувства делумно беа потхранети со коментарите на водечките политичари, вклучително и Бојко Борисов, поранешен премиер и актуелен лидер на централнодесничарската партија ГЕРБ и Дељан Пеевски, сомнителен политичар на црната листа на САД и водечки член на либералното Движење за права и слободи (ДПС).

Борисов, чија партија ГЕРБ е дел од владејачката коалиција и Пеевкси, чија партија ја поддржува владата, неодамна повикаа на зголемување на бугарската гранична полиција, иако според последните коментари на министерот за внатрешни работи Калин Стојанов, нема пораст на инцидентите со мигранти на границата во текот на изминатата година.

Политичарите надвор од мејнстримот изнесоа уште повеќе неосновани тврдења. Пред неколку месеци, екстремно десничарската партија „Преродба“ и „Има таков народ“ шират дезинформации дека Австрија бара Бугарија да прифати 6000 авганистански и сириски бегалци во замена на тоа Виена да се откаже од своите приговори и да и дозволи на Софија (и Букурешт) целосно се приклучат на Шенген, со што ќе се отворат и копнените граници на земјата.

За да се спротивстави на дезинформациите, владата заедно со медиумските организации и невладините организации, треба да стори повеќе за да ги илустрира придобивките што странците можат да ги донесат во Бугарија, вели Иванова, нагласувајќи дека тоа ќе биде ситуација која ќе биде победничка.

„На бугарската економија и требаат странци и сите ќе победиме ако успееме да ги задржиме и успешно да ги интегрираме, бидејќи тие се предност, а не закана“, порачува Иванова.

XS
SM
MD
LG