СДСМ му одговори на Димитриевски: Не прифаќаме условувања од било кого

СДСМ партиска зграда/ Фото: "Слободен печат", Драган Митрески

Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски вчера го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи остави од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение одговори на условите за евентуална соработка по изборите, што вчера ги постави претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Од СДСМ велат дека не прифаќаат уцени и нема тргување со иднината на државата.

-Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Не прифаќаме условувања од било кого, СДСМ со никого нема да прави политички дилови. Ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, се вели во соопштението.

Од партијата додаваат дека тие се единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ и ќе продолжат да ги водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија.

-Нас не водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности. СДСМ е единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ, велат од СДСМ.

ЗНАМ постави услови за формирање на новата Влада: СДСМ да се обврзе дека нема да соработува со ДУИ

Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски вчера го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи остави од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.

-Во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплет неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати и истите ќе ги преземат сите кандидати коишто следуваата на листите по нив. Трето, да се обврзат дека ниту тајно, ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашното ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински со пример, да покажат дека ја примиле вистински пораката на граѓаните и постапиле веднаш по истата, рече Димитриевски.

Вели условите кои ги дава ЗНАМ не се за понижување на СДСМ, туку за одговорност на нејзиното раководство.

-Нашите работни групи се подготвени за разговори и евентуална соработка со некое преодно техничко ново раководство на СДСМ кое ќе изрази политичка волја за ревидирање на досегашните нивни политики, за најважните национални прашања, но и целосна одговорност за сите поединци кои без исклучок по законот без никаква можност за амнестија, рече Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот