
(Видео) Партијата Левица: Радијата да имаат третман како телевизиите – порталите по еден вработен
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 15 Април 2025

Партијата Левица поднесе амандман во интерес на порталите и радијата по однос на Законот за медиуми. Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, предложи радијата да имаат третман како телевизиите, а порталите да имаат по еден вработен. Во интерес на јавноста, Мециновиќ од партијата Левица ја образложи потребата за поднесување на овој амандман.
– Сметам дека со овој закон се уредува една многу сензитивна проблематика, затоа што во последниве деценија и нешто, Македонија не добива најбрилијантни оценки во поглед на медиумскиот простор. Многу од медиумските чинители останаа незаштитени, па поради тоа еден вид на регулација е потребен, рече Мециновиќ.
Портпаролот на партијата Левица истакна дека неговиот амандман интервенира во однос на тоа што самиот предлагач има поднесено амандман во којшто се вели дека од тројца вработени се спушта бројката на еден вработен плус еден хонорарен работник.
– Со мојот амандман сметам дека треба да се гледаат работите малку подлабоко. Постојат портали коишто се со многу специфична проблематика како спортски портали, портали за автомобили, религиски портали, кои немаат потреба од толку вработени, така што мислам дека со еден вработен ќе се постигне ефектот кој сакаме да го постигнеме, а да бидат ставени во рамки на законската регулатива и така да бидат заштитени. Затоа го предложивме и амандманот со тоа што би ја намалиле бројката на еден вработен, наместо на ,,еден плус еден” или тројца како што беше во оригиналниот текст, образложи Мециновиќ.
Во комуникација со медиумски чинители од радијата, особено, од националните радија, кои со децении се етаблирани во медиумскиот простор и истите се запишани како радиодифузери, исто како и телевизиите, од партијата Левица сметаат дека не е фер радијата да мораат да пријават посебно правно лице за вршење на оваа дејност, а телевизиите не.
– Тоа ме насочи кон некој интуитивен заклучок дека тоа е затоа што телевизиското лоби беше посилно во избоксувањето на измените во овој закон. Затоа што сето ова претставува еден вид на дискриминација на веќе етаблираните медиумски магнати, сметавме дека треба да се интервенира со еден ваков амандман. И радијата кои се, исто така, радиодифузери како и телевизиите, треба да ја имаат истата привилегија во ова законско решение, но мнозинството како да не го виде тоа за сходно и оттука произлезе потребата за поднесување на овој амандман, дообјасни Мециновиќ од партијата Левица.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
