Има приказна за моето детство што мојата (сега отуѓена) мајка би ја споделила со кој и да ја слуша.

-Секогаш кога Лиза правеше нешто што не ми се допаѓа, сè што требаше да направам е да ѝ го упатам „погледот“ и таа престануваше“.

Таа го користеше „погледот“ дури и кога пораснав, сѐ додека не ја прекинав врската со неа. Тоа беше поглед на чист гнев и иако поголемиот дел од моето детство е замаглен, сè уште можам да замислам како се чувствував кога го добивав тој третман како мало исплашено девојче.

Не бев лошо дете, но бев премногу заштитена. Не ми беше дозволено да одам на училишни излети. Не ми беше дозволено да излегувам ниту со другите членови на семејството. Не ми беше дозволено да имам пријатели. Не знаев како да бидам ЈАС. Знаев само да бидам она што мајка ми го сакаше, дете кое знаеше да го избегне „погледот“.

Имам речиси 35 години и само што сфатив дека сè уште не знам како да бидам своја. Ако си во мојот живот, без разлика кој си, ти си подобар од мене. Во мојот ум што е искривен од годините на емоционална злоупотреба од страна на мајка ми, не знам како е да се чувствуваш гордо или самоуверено. Чувствувам дека моите социјални интеракции страдаат поради тоа.

Баш утрово имав впечаток дека навредив некого. И само таа мала искра од мисла ми предизвика тежина во срцето што сè уште ја носам и неколку часа подоцна, но исто така предизвикува анксиозност и депресија.

Зошто не можам едноставно да ја држам устата затворена?

Зошто сум толку чудна?

Дали ќе бидам отпуштена?

Можам да гарантирам дека на другата личност не ѝ требаа повеќе од две секунди за да го надмине нашиот краток разговор, но мене тоа целосно ми го уништи денот.

Изморена сум постојано да се чувствувам како измамник во сопственото тело. Не можам да прифатам комплименти, признанија, па дури и да ги признавам достигнувањата без да мислам дека тие се заработени само затоа што луѓето ме сожалуваат.

Можам да ги чујам оние што не се согласуваат сега:

„Треба да преболиш и да побараш терапија!“

„Ти си таква кралица на драмата!“

„Не би сакал/а да бидам твој пријател“.

И јас не би сакала.

Но, не ги обвинувам другите луѓе за тоа како се чувствувам. Доволно сум свесна за да знам дека јас сум одговорна за сопствените чувства. И да ги видите моите социјални мрежи, не би знаеле. Зарем не служи „Фејсбукот“ за тоа? Се преправате дека го имате животот за кој мислите дека сите мислат оти треба да го имате?

Така што никој не знае како навистина се чувствувам. Таа тежина не ја ставам на ничии рамења, освен на своите. Отсекогаш верував дека овие чувства еден ден ќе исчезнат. Ќе се разбудам, сонцето ќе сјае и ќе се чувствувам како возрасна личност.

Но, тоа сѐ уште не се случило.

Ги гледам другите на мои години, оние малку помладите, оние малку постарите, и не можам, а да не помислам – каде згрешив? Како си дозволив да дојдам до овој момент, кога сè уште се чувствувам како мало дете, кое чека да биде прекорено затоа што оставило остар молив на масата во кујната?

Колку и да сум голема девојка, внатре се чувствувам малечка – како да не сум достојна за сѐ што имам.

Мојот сопруг ме сака. Мојот син ме сака. Имам работа за која сонував уште од времето кога бев исплашено девојче… а сепак, сите овие работи само ми предизвикуваат да се чувствувам полошо.

Очигледно е дека мојот емоционален раст беше закочен и никогаш не се издигна над тој момент и додека растев (бидејќи татко ми работеше две работи за да го издржува семејството), мајка ми беше таа кај која барав упатства за тоа како да бидам возрасна.

Освен што таа никогаш не се однесуваше како таква.

Таа копнееше (и сè уште копнее) по внимание, прифаќање и љубов од кој било што би ѝ ја дал, дури и од поштарот што само еднаш неделно поминува од нејзината улица.

И покрај тоа што се трудам, се чувствувам како да го правам истото. Се трудам да бидам личност која мислам дека некој друг би сакал да бидам, за да им се допаднам.

И ако направам нешто, како навредата која ја упатив ова утро, за да ги загрозам нивните чувства кон мене, јас се лизгам по патот кон анксиозноста и депресијата – како мравка која се бори за простор меѓу маратонци кои трчаат.

Давам сѐ од себе да бидам онаа што сакам да бидам, а не онаа која мислам дека треба да бидам.

И дури и ако тоа трае уште 35 години, знам дека вреди да чекам.

Автор: Лиза Валтер

Извор



912

X