Победи нема, да живеат поразите!

06.02.2024 15:17
Победи нема, да живеат поразите!

Зошто ВМРО-ДПМНЕ, партијата на македонски националисти, ги прогласи сите победи на македонската држава за порази? Приемот во ОН со референцата, Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија.

Зашто токму поразот и жртвите се изворот на националната хомогенизација што ги збива редовите на нацијата. Победите и хероите не можат да ја постигнат таа цел. Тоа е така секаде, па и во соседна Србија, чијшто случај го објаснува историчарката Дубравка Стојановиќ во одличното интервју за „Пешчаник“, објавено на сајтот „Либертас“.

Постојано да се истакнува победата како пораз, да се копа по тие рани кои самите му ги нанесуваме на политичкото тело на државата - е и наша специјалност. Сето она со што стекнавме углед во светот: политиката на мирољубиво самоопределување, рамноправност на етничките заедници, мир и соработка со Грците и со Бугарите - нашиот национализам го прогласи за пораз. Со тој наратив дозволивме и од нас да направат параноидни, клаустофобични, анксиозни луѓе опколени со непријатели и бесчувствителни кон страдањата на други. Има ли потреба да набројувам кој сè е непријател на Македонија?

Америка, Франција и земјите на ЕУ се дел од прогласените непријатели. Така дојдовме до ситуација, сега пред избори, македонскиот национализам да прогласи за предавници и непријатели и делови од сопствениот народ. Заради манипулацијата со историјата за изборна победа, и повторно како со „антиквизацијата“, се скаравме со целиот свет, па и меѓу себе.

Без демократски дијалог не можеме да го разбереме односот меѓу, како што пишува Арно Мајер, неодамна починатиот професор на Принстон, историјата и изградената меморија. Имено, додека гласот на меморијата е недвосмислен и неоспорен, оној на историјата е полифоничен и отворен за дебата. Меморијата (митот) има тенденција да се стврднува со времето, додека историјата бара ревизија. Тој судир меѓу историјата и меморијата е во срцевината на многу политички конфликти кои се случуваат денес, било да е ревизијата на американската историја за ропството или онаа на историјата на Македонците и на Бугарите.

Во нашиот случај, меморијата (митот) на населението во двете држави се спротивставува на читањето на историјата преку модерна диоптрија, па на македонската страна имаме отфрлање на она што сме го потпишале во Договорот за пријателство како „заедничка историја“, додека на бугарската страна безмалку сите веруваат во митот за Македонците како „неосвестени“ Бугари. Во услови на демократија, пак, во која масите, како гласачи, учествуваат и во надворешната политика, да се биде популарен значи да се добие на избори. Логиката на политиката, за која победа на избори е најважна, е дека треба да се бега од непопуларни теми па така двете страни се заробеници на своите мемории.

Така дојде до фијаското со негласање на уставните промени и прекинување на преговорите со ЕУ. Политичарите сакаа да ја прескокнат историската дебата за македонско-бугарските односи и директно да преминат на гласање. Инаку, никому, во услови на демократија, не му е забрането од власта да зборува на темата, но на свој ризик и за своја сметка. Бидејќи ризикот е голем како и сметката која ја плаќа поединецот, нема многу доброволци за дебата.

Стравот од отворена дебата кај власта и кај опозицијата е последица на стравот на македонските и бугарските политичари од својот народ: од стврднатата меморија што треба да се соочи со историските факти на двете страни на границата. Се разбира, сè е и во контекст на изборните калкулации, да се победи на закажаните избори. Во услови кога сите бегаат од отворена дебата која би го апсолвирала минатото и би го отвориле патот кон европската иднина, на јавноста, повторно без дебата, и се понудија две радикално спротивставени и погрешни позиции.

Политичарите мислеа дека можеме така да се извлечеме, ама не се случи тоа. Без дебата и вистинска анализа, највисоките претставници на власта, владата и претседателот, „аргументираа“ дека проширувањето на листата етнички заедници со Бугари, плус Хрвати, Евреи итн. не е „ништо страшно“. За да ги употреби тие стврднати митови за изборна победа, пак, опозицијата го прогласи крајот на македонската нација и држава доколку Бугарите бидат внесени во Уставот. И толку. Толку е целата аргументација. Дали е страшно или не е страшно, требаше да биде плод на вистинска дебата од која ќе произлезеше заклучокот. Но, сите бегаа од суштинска дебата и се потпреа на плитките „аргументите“ на двете страни, кои не објаснуваат ама баш ништо. Зашто, ниту впишувањето на Бугарите во Уставот не е „ништо страшно“ или е исто како и другите етнички заедници, ниту тоа е пропаст и крај на македонската нација и држава.

Кај првиот „аргумент“, не е можно да се стави знак на равенство меѓу етничките заедници во Македонија токму заради заедничката историја, која опозицијата ја негира, негирајќи го државниот Договор за пријателство.

Всушност, зад овие ставови се крие реалниот страв дека историјата е толку заедничка што во допир со бугарската нација, македонската би можела да се „стопи како свеќа“. Внесувањето на Бугарите во Уставот не мора да биде крај на македонската нација, која денес има своја држава која треба да се погрижи тоа да не се случи во нови услови на отворен европски континент и отворен Балкан. Привилегијата да се живее на континент кој е денес најголем центар на слободна трговија, слободни народи, владеење на правото и на човековите права, носи свои опасности за оние што брзо не ја прилагодуваат својата борба согласно новите услови.

Нацијата, имено, не може да се брани со железни завеси или со еднопартиски систем. Најдобар начин да се одбрани македонската нација и јазик е јакнење на државата преку членство во ЕУ. Само неуки луѓе можат да одбијат да земат учество во овој грандиозен проект и да не ја зачленат државата во организацијата која од корен ги промени односите меѓу државите создавајќи една зона на мир и соработка меѓу народите на континент од кој почнале две светски војни. Континент кој, за жал, повторно е во војна, уште еден аргумент плус зошто Македонија мора да стане дел од унијата на слободни и демократски земји.

Слики: Lauchie Reid

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото