Зошто секоја тешкотија ја прогласуваме за траума?

05.01.2024 10:11
Зошто секоја тешкотија ја прогласуваме за траума?

Траумата е веројатно најчеста тема на психолошките конгреси, социјалните мрежи и во денешните неврзани разговори. Толку често го користиме тој термин без да го дефинираме. Кога сакате да дефинирате некој термин, прво обидете се да го дефинирате она што тој не е.

Кога ќе се запрашаме што не е траума, ќе сфатиме дека нема одговор. Тоа потсетува на оној нов феномен кој станува честа пракса во денешно време, секое однесување да го карактеризираме како нарцисоидно и токсично (иако навистина сме сведоци на подемот на нарцизмот). Толку го исцрпевме поимот нарцизам што наскоро сите ќе ја добиеме таа дијагноза. Дијагнозата на нарцисоидност некому може совршено да му послужи да ја „испере” од себе одговорноста и да се обиде да ве обезвредни, наместо да прифати дел од одговорноста за својата неспособност да ви помогне.

Исто е и со траумата. Главниот аргумент во корист на тоа дека сме трауматизирани е тоа што нашите дисфункционални особини настанале како одговор на дисфункционалното семејство. Главната поента на целата приказна за траумата е: сè што си ти настанало како одговор на траумата. Проблемот со овој став е повеќекратен. Доколку траумата е нешто што се докажува со тоа дека сите мои особини се резултат на детските тешкотии, би сакал да ја запознаам личноста на некој што немал траума. Од каде ли потекнуваат нивните особини?

Сите особини што ги имаме се создадени како одговор на нашите тешкотии. Ни повеќе, ни помалку. Некои од тие тешкотии се навистина трауматични, а некои не се. Никој не се раѓа како личност, туку станува личност во односите со другите, јазикот и културата. Затоа, сосема е апсурдно да ја докажуваме својата траума со фактот дека денес имаме дисфункционални обрасци кои настанале како одговор на тешкотиите со кои сме се соочувале во детството.

Стресот, тегобноста, болката, страдањето, стравот и траумата не се едно исто. Траумата е многу специфична по тоа што не е самиот настан, туку вид на настан со кој не сме знаеле како да се справиме, што ги надминувал капацитетите на нашата психа. Траума е она чувство во нас на кое се навраќаме кога подоцна во животот ќе се соочиме со некоја нова ситуација што нè потсетува на друго време и место.

Траума е кога не сакаме да ни се повтори она чувство од кое бегаме цел живот, и траумата може да се препознае по тоа што целата наша личност се развивала околу еден настан или низа слични настани. Попрецизно, маките ги раѓаат нашите особини, бидејќи тие особини служат за да ги надминеме, но траумата создава блокада во психичкиот систем.

Наместо да сфатиме дека траумата е навистина огромен проблем, на кој мора постојано да се укажува бидејќи многу луѓе страдаат, прогласувајќи сè за траума, ние ја девалвираме траумата на луѓето кои навистина ја доживеале и сè уште ги преживуваат нејзините последици.

Низ целиот живот се трудиме да се заштитиме и никогаш повеќе емотивно да не се вратиме на она место што се обидуваме да го заборавиме, на тој степен на ужас што нè обзема. Траумата е она што на сиров начин ја прекинува нашата личност и го дели нашиот живот на пред и после тој настан.

Сè што стануваме потоа се само куп стратегии кои ни служат за справување со траумата кои ни се потребни за никогаш повеќе да не бидеме повредени и да воспоставиме контрола. Обидете се да разберете дека сè што сме се создава со текот на времето, и дека таа личност е збир на стратегии што сме ги користеле за да преживееме и кои другите ги гледаат на дело. Никој не може за некого да каже дека е лош или добар додека не го види во однос на друго суштество - човек, дрво, куче. Ако човек е сам на пуст остров, не би можел да биде ниту трауматизиран ниту нарцисоиден.

Сето тоа стануваме во општеството. Затоа, улогата на проценителот на траумата е од големо значење. Па, како дојдовме до тоа дека сè нешто може да биде траума?

Всушност, работите се крајно едноставни. Кога ќе се запрашаме што културата нормирала како спротивно на траумата, ќе видиме дека тоа е еден убав, хедонистички и среќен, мирен живот без тешкотии и страдање. Дали постои таков живот? Секако дека не постои.

Има повеќе или помалку несреќни животи, како и среќни, но не и живот без тешкотии. Почнавме да ја прогласуваме секоја мака како траума бидејќи тоа е одличен начин да ја елиминираме вината од себе затоа што не сме совршени.

Сè околу нас ни испраќа порака да купиме повеќе, да направиме повеќе, да успееме повеќе, а тој притисок е неодржлив. Колку и да работиме и да се докажуваме, никогаш нема да биде доволно. Ќе биде доволно само кога ќе се откажеме од верзијата на среќата која постојано ни се сервира и ни се продава по пат на измислени потреби кои всушност продаваат статус, но не и интегритет.

Стекнувате пари, но немате задоволство и смисла. Не сте стекнале пари, и немате задоволство и смисла. Кој е виновен? Се разбира, траумата. Траума е совршен термин кој може да ги објасни сите лични недостатоци и проблеми.

Наместо да сфатиме дека траумата е навистина огромен проблем, на кој мора да се укаже бидејќи многу луѓе страдаат, прогласувајќи се за траума, ние ја девалвираме траумата на луѓето кои ја доживеале и сè уште ги преживуваат нејзините последиците.

Форсирањето на наративи за траума има фантастична функција која ја вршат различните продавачи на магла: тие ги закотвуваат нашите психички системи кои се во состојба на распаѓање и се обидуваат да ни ја одземат одговорноста.

Траумата совршено го ослободува општеството од каква било одговорност. Општествените елити не сакаат да преземат одговорност за профитниот систем што го воспоставиле и кој придонесува за порастот на менталните проблеми (и не само менталните) и одговорноста ја префрлаат на поединецот. Поединецот, лишен од вредносната скала, не сака одговорност на своите раменици, туку им се обраќа на експертите за ментално здравје.

Меѓутоа, пред да дојде до нив, ќе дојде до социјалните мрежи и разни гуруа кои со темата на траумата едноставно ќе ги објаснат сите животни несреќи.

Немате пари? Траума. Немате партнер? Траума. Имате пари, но не сте задоволни? Траума. Одличен начин да се ослободиме од вината што не сме совршени.

Затоа на оваа тема одлично се заработува, бидејќи сите сакаат да бидат ослободени од одговорноста и сè магично да се реши. Колку и да мора да се разбере и да се сочувствува со борбите и проблемите во кои сме пораснале, мора постојано да се потсетуваме на тоа дека сè уште имаме голем дел од одговорноста за сопствените избори. Тоа што нè одбележало и создало не значи дека така мора да остане. Не секоја погрешна одлука што ќе ја направиме на некој мистичен начин е оправдана со тоа што некој друг е виновен за твојата или мојата состојба.

Преземањето одговорност подразбира поинаков однос кон другите, увидување дека односите нè лекуваат и дека воспоставувањето заедница е добар пат кон воспоставување вредносен систем. Преземањето одговорност не упатува на идејата дека човек може сè да направи сам и дека општествените елити не се виновни за ништо, туку дека тој е способен да се разбере себеси, да биде проактивен, но и да се потпира на другите, да го ризикува односот со другите.

Освен тоа, дури и ако сте преживеале траума, имајте на ум дека таа не се лекува со потпирање само на себе, туку со тоа што ќе си дозволите да бидете ранливи и преку односите повторно да се поврзете со себе и со другите, повторно да поверувате дека сте достојни за љубов и грижа. Личноста која се потпира само на себе има проблем, и не е блиску до решението.

Кога општествените елити не преземаат одговорност за општествената состојба, тогаш е многу важно поединецот да ја прифати одговорноста, но не и вината. Не сме ние виновни за тоа што ни се случило, ниту сме виновни што веруваме дека парите ќе ни донесат среќа. Ние сме одговорни да станеме личности кои се способни да дејствуваат креативно, да размислуваат критички и да имаат став. Во спротивно, ќе бидеме само медиокритети кои постојано ќе бараат изговори за сопствената недоволна грижа за себе.

Траумата не е објаснување за сè. Траумата не е секоја болка и страдање. Животот со себе носи болка и страдање. Ние сме одговорот на нашето семејство, на болката и страдањето.

Личната одговорност и болка нема магично да исчезнат, исто како што нема магични решенија за нашите проблеми.

Запомнете - чекањето да се променат родителите, општеството да стане поправедно, да се создадат совршени услови за да донесеме одредена одлука, некој да ни каже што да правиме, е ИЗБОР. И изборот да чекаме е избор, и изборот да не се обидуваме е избор. Од изборот нема бегање, туку само од вината. Честопати го одложуваме животот за да не чувствуваме вина, наместо тоа, одбираме никогаш да не се обидеме и да живееме во страдање само за да ја избегнеме вината што не сме успеале.

Наместо приказни за траумата, ајде малку да зборуваме за ризикот. Ако животот е нешто, тогаш е ризик.

Слика: Freepik

Извор: https://velikeprice.com