Почина Стив Пакстон

23.02.2024 11:28
Почина Стив Пакстон

Фотографија на Том Бразил од перформансот на Лиза Нелсон и Стив Пакстон на PA RT, во списанието „Танц“ од 1987 година.

Почина Стив Пакстон, пред три дена, на 85-годишна возраст. Пакстон беше дел од малиот круг луѓе кои танцот како уметничка форма го доведуваа до крајноста на неговата еманципација од традираните претпоставки на таа уметност. Пред петнаесет години нашата група BADco. замисли дело во чиј фокус беше токму Стив Пакстон. Горан Сергеј Присташ и јас напишавме тогаш, како подготовка за тој никогаш изведен проект, еден текст:

СТИВ И ЈАС

Во 1972 година американскиот кореограф Стив Пакстон разви кореографска техника наречена контактна импровизација. Контактната импровизација, создадена како реакција на модернистичкиот формализам на танцот од претходната деценија, се засноваше на кореографската претпоставка за движење на две тела во физички контакт. Културолошки, формата не беше нова - постоеше во социјалните танци, боречките вештини и физичките практики каде што две тела се придвижуваат предавајќи и пренесувајќи си ја меѓусебната телесна маса. Сепак, навидум едноставната работна претпоставка за две тела во физички контакт потресе неколку основни догми на кореографската дисциплина:

1) оската на кореографската техника - 'рбетот - ја изгуби својата вертикалност и стабилност;

2) радикалната взаемност на две тела во контакт ја поткопа стратификацијата на авторитетот во танцот меѓу учителот и ученикот, меѓу кореографот и изведувачот;

3) сите досегашни кореографски знаења и кореографски техники се подредени на непосредниот искуствено-когнитивен процес во изведбата;

4) подреденоста на танцовото движење на визуелната изразност е отфрлена во корист на изразувањето на внатрешното искуство на телото;

5) танцовата импровизација е лишена од повторување добивајќи генеративна форма, каде што секое следно движење е резултат исклучиво на претходната непосредна затеченост на телото.

Во антиавторитарниот пристап на контактната импровизација спрема кореографската дисциплина, се одразуваше слободарскиот дух од доцните 60-ти и раните 70-ти:

1) директната физичка комуникација ја заменува социјално посредуваната комуникација преку симболични форми како што се јазикот, знаењето, техниката итн.;

2) комплементарноста и хармонијата на две тела во контакт се совпаѓа со отфрлањето на тогашниот милитаризам;

3) афективната и личната политика добива легитимитет наспроти институционално-процедуралните политички форми;

4) егалитаризмот на радикалниата взаемност го повторува широкото општествено инсистирање на радикална демократија.

Кореографската техника „Материјал за ’рбет”. Фотографија на Ивон Портра

Од овие временски соодветни претпоставки, контактната импровизација ќе прерасне во кореографска техника која кореографите, танчерите и публиката или ќе ја обожаваат или ќе ја презираат во наредните децении. Ќе биде обожавана најмногу од оние кои ја доведуваат во близок контакт со директното искуство на танцовата импровизација, изразувајќи страст преку танц, терапевтски методи или нови духовни практики. Ќе биде презрена од оние на кои ќе им пречи нејзината неекспресивност, подкомплексност, канонизација и блискоста со непосредноста, страста, терапевтските и духовните практики.

На оваа канонизација и општествено преиспишување на контактната импровизација, Стив Пакстон ќе одговори неколку децении подоцна со развивање нова кореографска техника со наслов „Материјал за ’рбет”. Тој ќе се откаже од комплементарноста на две тела во контакт и ќе започне уште пофундаментално преиспитување на изразноста на телото, обидувајќи се да ја освести и направи видлива скриената работа на танцот - работата на телото што танцува: мускулатурата, скелетот, 'рбетот.

Со проектот „Стив и јас” BADco. исто така се враќа на точката на фундаменталното преиспитување на контактната импровизација. Сепак, за разлика од Стив Пакстон, не само што ќе бидеме заинтересирани за пофундаментален кореографски увид, туку и за општественото преиспишување на неговите техники: важноста што ја добиваат неговите кореографски избори во контекст на времето, особено во раните години на пост- индустријализацијата, исчезнувањето на физичката на индустриската работа како доминантна форма на телото и исчезнувањето на класниот облик на општествени антагонизми во западните општества во 70-тите. Од тој процес на херменевтичко откривање на специфичното кореографско знаење и неговиот социјален контекст, ќе произлезе кореографијата „Стив и јас”.

Стив Пакстон и Ненси Старк Смит во изведба на Контакт импровизација, 1980 година.

ОкоБоли главаВицФото