Димовски во 24 анализа: Да се испитаат пропустите во сите објекти, тие се ризик по безбедноста
Универзитетскиот професор на Факултетот за безбедност, Злате Димовски во 24 анализа рече дека потребно е да се преиспитаат и истражат пропустите кај објектите кои немаат лиценца но сепак работат бидејќи, како што објасни, претставуваат ризик по безбедноста.
Тој зборуваше и за тоа дека доколку сакаме да направиме некаква реформа во државата потребно е прво да ја промениме свеста кај луѓето.
„Потврдивме дека има и други објекти кои немаат лиценца и работат, или имаат фалсификувана лиценца. Зошто нема постапка кон нив. И тие се ризик по безбедноста. Потребно е да се преиспита каде се пропустите. Сите институции во нашава држава треба да имаат координација заедничка и да проверат како ги добиле лиценците а не исполнувале услови. Да не чекаме друга несреќа. Ако преземаме мерки, ако сакаме да расчистиме треба да почнеме од некаде, еве нека биде сега стартот. Нас ни стана стил на живеење да се сомневаме во се и сешто“, рече Димовски.
„Кога зборувам за реформа, јас од кога знам за себе сум во реформа, сега не употребуваме реформа сега употребуваме рестарт. За да се рестартира нешто треба да имате систем кој ќе го рестартирате, џабе ќе рестартираме кога имаме ваква свест. Не почитуваме правила и прописи, да почнеме од сообраќајот, никој од нас не се запрашал зошто ни се случуваат вакви работи. Дајте да преземеме мерки да се рестартираме сите.Забележуваме дека сме преоптоварени со криминални дејствија кои не загрозуваат. Се наметнува страв кај сите млади родители, што правиме со децата. Како држава имаме низа на активости кои треба да ги објансиме а не да се правдаме дека имаме стратегија или акциски план. Таа хартија треба да се подигне на ниво на активност и така да реагираме. За да се рестартираме треба да се усогласиме сите“, додаде Димовски.