Бајрами: Изборниот процес поминува без поголеми нарушувања, нема пријави со елемент на кривично дело

Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Од отворање на гласачките места, до овој момент до Основното јавно обвинителство нема пријавено инциденти или неправилности кои би имале елемент на кривично дело. Јавниот обвинител и претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами на прес-конференција соопшти дека изборниот процес поминува мирно и без нарушувања.

– Во текот на вчерашниот ден, веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп, соопшти Бајрами.

Исто така, тој додаде дека известувања за сомненија за поткуп на гласачи биле примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, Бајрами вели дека обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија на проверки.

-И понатаму до овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување, заклучи Барјами и додаде дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот