Падот на оптимизмот се случува поради повеќе причини, а една од нив е и поскапувањето на електричните автомобили…

Глобалните лидери на автомобилската индустрија се помалку се убедени во брзата доминација на електричните возила. Односно, тие покажуваат помал ентузијазам од пред една година поради проблемите со синџирот на снабдување и растечките економски грижи, се вели во едно истражување.

Повеќе од 900 директори на автомобилската индустрија учествуваа во годишното глобално истражување за автомобилската индустрија на KPMG, меѓународна консултантска и сметководствена фирма. KPMG известува дека директорите на автомобилската индустрија се помалку оптимисти за доминацијата на електричните возила на пазарот во САД и на глобално ниво до 2030 година. Проценките за продажбата на нови електрични автомобили се движат од 10% до 40% (од вкупниот пазар) во овогодинешното истражување, што претставува пад од 20% до 70% споредено со една година порано.

Намалениот оптимизам за прифаќањето на EV доаѓа од построгите барања за стимулација на возилата, зголемената загриженост за суровините за батерии и рекордните цени на возилата. Ваквите грижи се додаток на другите проблеми поврзани со синџирот на снабдување и стравувањата од рецесија.

На прашањето што мислат за компаниите, производители на електрични возила, кои ќе доминираат на пазарот во 2030 година, директорите ја издвојуваат Tesla, но многумина мислат дека новодојденците како Apple ќе бидат сериозни играчи. Повеќе од 200 испитаници биле извршни директори, а останатите биле на пониско ниво. Apple добил 133 гласа во истражувањето за водечка позиција на пазарот на електрични возила. Тоа е четвртиот најголем број гласови, зад Tesla (223 гласа), Audi (206) и BMW (196). Една година порано Apple имаше 91 глас, и покрај тоа што компанијата никогаш јавно не ги потврди плановите за електрично возило.