Граѓаните чекаат автобус на оштетени постојки, некаде и без стреи и клупи

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Од ЈСП „Скопје“ нема никаква најава дека наскоро ќе се врши некаква реконструкција на постојните постојки. Пари за оваа намена не беа предвидени во инвестициските програми на претпријатието во последниве години.

Во каква состојба се автобуските постојки низ градот, сведоци се граѓаните што секојдневно користат јавен градски превоз. Дел од нив се со ишарани и измачкани стакла, некои немаат натстрешници, некои клупи, а на повеќето се искршени и кантите за ѓубре. Некаде нема електронски информативни табли преку кои граѓаните се информираат за пристигнувањето на автобусите, а некаде, пак, не работат дисплеите. На дел од постојките, како на пример, на булевар Борис Трајковски накај Драчево, патниците се жалат дека нема ниту натстрешници на постојките, а не треба да се заборави дека на нив граѓаните чекаат автобус во сите временски пригоди – и на дожд и кога пече сонце.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

На автобуската станица „Мал одмор“ на Партизанска има сѐ – и натстрешница и клупа и информативна табла, па дури и функционална корпа за отпадоци, но при најмал дожд ниеден од граѓаните што чека автобус не може да ги користи, ниту да се засолни под стреа. Причината е што автобуската постојка е пониска од тротоарот и кога врне е полна со вода.

Со години е вака. Кога грее сонце ќе се засолниш, ама кога ќе заврне, и три капки дожд да падне, мора да стоиш на дождот и да чекаш автобус. Го направија и тротоарот зад станицата, ама никому не му текна да го подизрамни асфалтот за да не се полни станицата со вода. На некои други автобуски и полошо е, кал, нечистотија, ужас. Одржување никакво – вели Ема, жителка на Карпош.

ЈСП „Скопје“ одамна не презело активност за реконструкција на оштетените станици, барем во јавноста тоа не е познато. Ако не се обновуваат, неопходно е барем да се зачистат одвреме-навреме и да се поправат некои поситни недостатоци за кои не се потребни големи финансиски трошоци.  Последната забележана активност на постојките беше фарбањето на металните клупи на автобуската кај МАНУ, кога граѓаните се надеваа дека ваквото „освежување“ ќе продолжи и на другите автобуски станици.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Реконструкцијата на постојките, при што се вршеше комплетна замена на опремата со нова, почна пред десетина години. Тогаш старите пластични стреи во форма на печурки се заменуваа со нови, наместо зелените пластични руинирани огради се ставија стаклени, односно прегради од плексиглас, кои сега речиси секаде се ишарани и никогаш неисчистени.

Конечно „активност“ на автобуските постојки, офарбана една клупа кај МАНУ!

Проектот за замена на опремата на автобуските постојки беше финансиран од буџетот на Град Скопје, чинеше 77 милиони денари и почна да се реализира во 2013, а заврши во 2017 година, при што беа уредени вкупно 277 автобуски стојалишта.

Оттогаш до денес и оваа опрема застари, а од ЈСП „Скопје“ нема никаква најава дека наскоро ќе се врши некаква реконструкција на постојните постојки. Пари за оваа намена не беа предвидени во инвестициските програми на претпријатието во последниве години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот