МАСИТ: Забраната на еден медиум нема да го реши проблемот, социјални мрежи треба да се насочат во едукативни цели

Лого на ТикТок / Фото: Worawee Meepian / Alamy / Alamy / Profimedia

Средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За тоа е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество, велат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во врска со иницијативите за забрана за користење на Тик Ток и други социјални мрежи во земјава, по масовните убиствата во Србија, за што изразуваат жалење и сочувство до семејствата и блиските на жртвите.

– Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи. Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг, се наведува во соопштението од МАСИТ.

Од друга страна, како што посочуваат, пристапот до технологија е круцијален во процесот на дигитализација, процес кој дава огромни придобивки за целото општество и кој се наметнува како потреба на модерното живеење а со тоа и на самите млади луѓе.

– Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство, велат од МАСИТ.

Упатуваат апел и до медиумите за нивната одговорност при известување на сензитивни теми и нивна професионалност за анализи и обработка на теми од област на социјалните медиуми, за што, како што нагласуваат, МАСИТ секогаш им стои на располагање доколку е потребно дополнително мислење, анализа и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот