Под мотото „Да го овозможиме доењето, да им помогнеме на вработените родители“ од денеска до 7 август се одбележува Светската недела на доењето. Целта е да се подигне свесноста за значајноста на доењето и мајчиното млеко за мајката и за детето, да се поддржи и заштити правото на доење за сите жени во светот.

Како што соопшти Центарот за промоција на здравје и човекови права „МАТРОНА ИНТЛ“, предизвиците на вработената жена остануваат една од најчестите причини за жената да престане да дои порано од посакуваниот и препорачаниот период, кој е најдобар за здравјето, растот и развојот на детето. Токму поради тоа, на жената ѝ е потребна соодветна поддршка за одржување на доењето.

– Во тој контекст, на самото работно место каде што престојува жената која дои треба да се обезбедат соодветни капацитети (услови, простор, опкружување) за доење. Соодветна алтернатива се обезбедување услови за измолзување и чување на мајчиното млеко. Досега само 47 земји во светот наложуваат обезбедување на адекватен простор за доење на работното место – стои во соопштението.

Во текот на оваа недела се организираат различни активности, настани и информативни кампањи со цел да се информираат луѓето за предностите од доењето, за митовите и стигмата околу доењето и да се обезбедат потребните ресурси и поддршка на мајките кои сакаат да ги дојат своите деца.

Извор: МИА



912

X