Македонските институции не откриваат детали за тоа кои се двајацата Македонци фатени во Грција

Молк од институциите за тоа кои се двајцата уапсени македонски државјани и за кого биле наменети стотиците фалсификувани лични документи од земји од Европската унија, кои грчките полицајци во петокот ги открија кај нив на граничниот премин Дојран. Од МВР немаат информација дали се работи за разработен шверцерски канал и дали двајцата Македонци кои веќе добија по пет години затвор во Грција, од порано и се познати на полицијата. Оттаму за ТВ24 велат дека немаат повеќе информации од она што вчера го соопштија, дека знаат за случајот, но дека нивните грчки колеги освен што ги известиле, не им побарале ништо дополнително.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека за овој случај остануваат во тесна комуникација со надлежните институции во Македонија како и со надлежните органи на Грција.

„Би сакале да потврдиме дека до овој момент ниту до Министерството, ниту до нашите дипломатско - конзуларни претставништва нема барање за помош за случајот, но секако остануваме на располагање на нашите државјани и нивните семејства за евентуална помош, во рамки на дипломатските правила и практики“, информираат од МНР.

Она што се знае е дека едниот од уапсените има 26, а другиот 43 години. При претресот на граничниот премин Дојран, грчката полиција во петокот пронашла 599 фалсификувани бланко документи како лични карти, возачки дозволи и дозволи за престој од разни европски земји. 440 од нив биле скриени во поставата на јакната на еден од нив, а останатите 159 биле пронајдени во багажникот на возилото. Сите документи ќе одат на лабораториска истрага. Грчкиот прекршочен суд во Кукуш вчера експресно ги осуди двајцата македонски државјани на по пет години затвор. Во текот на кратото судење, и двајцата молчеле и не кажале ништо за нивните активности. Еден од нив е префрлен во затворот во Серес, а другиот ќе лежи во солунскиот затвор.