Рубрика: Омнибус
Ин мемориам Зоран Тасиќ (1938-2023)
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.08.2023 - 13:15

Иако сме сосема свесни за неизбежната минливост на животот и поготвени ја прифаќаме, неретко се наоѓаме како затечени кога ќе нѐ напушти некој познат лик. Деновиве тоа се случи откако нѐ напушти нашиот соработник Зоран Тасиќ.

Зоран Тасиќ е роден на 29.11.1938 година во Скопје. Гимназија завршува во "Орце Николов", а дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1962 година, на отсекот за електроника и телекомуникации, популарно наречен отсек за слаба струја. Потоа, како надежен кадар се вработува во ТВ Скопје која тогаш почнува да се развива, а Тасиќ успешно го дава својот придонес во тој развој. Во таа насока во 1966 година поминува тримесечна обука во Франција за монтажа и испитување на телевизиска опрема.

Свој придонес даде и како едукатор, првично со неговата долгогодишна хонорарна работа во Електромашинскиот училишен центар (ЕМУЦ). При тоа, на негова иницијатива во втората половина на 1960-ите во училиштето се отвори отсек за слаба струја, при што Зоран Тасиќ бил вклучен во изработката на наставниот план и наставните програми за отсекот. А бидејќи во таа насока се изучуваше релативно нова, модерна технологија и учебници немаше, Тасиќ се зафати со нивно пишување. Па така, наскоро се појави неговиот прв учебник Електроника 1”, наменет за учениците од втора година во електротехничките училишта. Тоа беше воедно и првиот учебник по електроника на македонски јазик. А наскоро потоа беше објавени и неговиот втор учебник по електроника за трета година – “Електроника 2”.

Во 1970 година, на тогашниот Електромашински факултет под раководство на катедрата за Електроника се основа насоката за електроника. Со основањето на насоката, меѓу другото, се воспоставуваат темелите на телевизијата како многу важна и перспективна научно-техничка област од тоа време. Потребата од стручен и професионален наставен кадар од оваа област била неминовна. Од овие причини во 1974 година на иницијатива на проф. д-р Борис Спасеновски била испратена покана до Зоран Тасиќ како истакнат стручњак од практиката за покривање на наставата на Електромашинскиот факултет од областа на телевизијата во својство на хонорарен професор. Во тоа време, Зоран Тасиќ бил вработен во РТ Скопје (денес Македонска радиотелевизија) и бил раководител на групата за развој на телевизијата, телекомуникациите и радиодифузијата. Со прифаќањето на поканата за академскиот ангажман на Зоран Тасиќ во 1974 година тој започнува со покривање на наставата по телевизија, заедно со проф. д-р Љупчо Пановски, кој во тоа време ја обавува функцијата на асистент од предметната област. Покрај наставните активности, Зоран Тасиќ е вклучен и во други важни научно-истражувачки и стручно-апликативни проекти од областа на телевизијата.

Зголемените работни обврски на матичната институција (РТС) води до тоа Тасиќ да ги предаде академските активности од областа на телевизијата на проф. Љупчо Пановски во 1977 година. Меѓутоа, соработката помеѓу Електромашинскиот факултет (подоцна Електротехнички факултет) и Зоран Тасиќ продолжува и во текот на неговата подоцнежна професионална кариера преку голем број проекти и други стручни активности.

Во тој творечки период на животот беше префрлен на работа во тимот за изградбата на новиот РТВ дом. Тој тим требаше да ги дефинира градежните потреби, со оглед на најновата и современа радио и телевизиска технологија, и да врши надзор на реализацијата. Во 1979 година учествува во првата монтажа на студиото 2 во РТВ домот, кој сѐ уште беше во изградба. Потоа работи во одделот Предаватели и врски и во одделението Филмска лабораторија, каде остава траг со својата работа.

Тековите на животните врвици тешко можат да се предвидат. Во 1992 се преселува во Врање и се вработува во индустријата Симпо. И таму се покажува како недвојбен стручњак успевајќи да се справи со енергетската електроника што се користи во современите индустриски CNC машини. За нивно сервисирање изработи практикум во кој ги опиша постапките за сервисирање.

Сиот овој период Тасиќ не престанува да се интересира за современите телевизиски техники. Како резултат на тоа се преку 90 стручни статии објавени во списанието Емитер, меѓу кои и серијалот написи посветени за одржување и сервисирање на ТВ-приемници, објавен во дванаесет продолженија и придружен со примероци од електрични шеми за некои од најпопуларните ТВ-приемници кај нас.

Во 2005 година ЕМИТЕР ја издаде и книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање" од Зоран Тасиќ, напишана заедно со неговата ќерка, дипл. ел. инж. Наташа Божиновска.

Неговата скромност, како вродена особина секогаш се забележуваше. Како таков замина, како голем човек во својата маленкост.

Клучни зборови: