Прв меѓународен турнир во брзопотезен шах во Штип

24.01.2024 10:49
Прв меѓународен турнир во брзопотезен шах во Штип

На првиот меѓународен турнир во брзопотезен шах во Штип ќе учествуваат шахисти од десетина европски земји, од кои триесет се велемајстори, интернационални или ФИДЕ мајстори. Вака голем турнир се одржува во Штип 55 години од последниот интернационален турнир.

Според досегашните пријави, најмногу учесници ќе има од балканските земји, но фаворит е норвешкиот велемајстор Евгени Романов (2.561), кој со овој рејтинг беше еден од најуспешните учесници на шаховските турнири што се одржаа изминатите години во Македонија.

„Негови најголеми конкуренти ќе бидат српските велемајстори Иван Иванишевиќ, Мирослав Миљковиќ, Данило Милановиќ, Горан Тодоровиќ и Милош Перуновиќ, Русинот Вјачаслав Тиличев, кој игра за Србија, потоа петтемина велемајстори од Бугарија, предводени од Петар Дренчев, кој беше најуспешен на последните турнири на „Алколоид” и, секако, македонските велемајстори Звонко Станојкоски и Драгољуб Јакимовски и интернационалните мајстори Дејан Станојковски, Филип Панчевски, Никола Николовски, Тони Лазов и Ванчо Стаменков. Боите на домаќинот Штип ќе ги бранат ФИДЕ мајсторите Горги Кукутанов и Никола Бујуклиев“, вели еден од организаторите и покровител на турнирот, Емил Насев.

Турнирот е закажан за 28 јануари во хотелот „Изгрев” во Штип, а ќе се игра во девет кола по швајцарски систем со по десет минути, плус пет секунди од потег. Ќе се бодува во рамките на Меѓународната шаховска асоцијација. Организаторот предвидува награден фонд од 130.000 денари.

Во седумдесетите, во Штип неколку години се одржуваше меѓународниот шаховски турнир „8 Ноември”, по повод Денот на ослободувањето на градот, со учество на врвни светски велемајстори, како Хорт, Ивков, Кинтерос, Ленџел, Софревски, Пијасецки, Букиќ, Дизен, Ковач, Ничевски, Рајковиќ, Раичевиќ и штипските шахисти Захариев и Голомеов.

Во тоа време, во Штип се случи и шаховски спектакл на кој повеќекратниот светски шампион Михаил Ботвиник играше симултанка во просториите на ШК „Напредок”. Тој во 1972 играше на Шаховската олимпијада во Македонија, а наредната година, по „Средбата на солидарноста” во Скопје, престојуваше во Штип, каде што ја одигра симултанката на повеќе од триесет табли. Само двајца шахисти ремизираа со тогашниот светски шампион. Големата сала на тогашниот Работнички универзитет беше претесна за да ги прими сите заинтересирани.

„Потсетувањето на големите шаховски игри од минатото во Штип е најновиот брзопотезен меѓународен турнир со учество на 110 шахисти, што дава надеж дека со упорна работа и посветеност шахот може да се врати во Штип како некогаш”, вели членот на организациониот одбор Емил Попадинов.

Извор:https://sdk.mk

 

ОкоБоли главаВицФото