Несоницата е едно од најчестите нарушувања на спиењето, а ако детето има несоница, тоа обично значи дека има тешкотии да заспие или често се буди во текот на ноќта. Исто така, педијатрите објаснуваат дека многу деца со несоница се будат многу порано од нивните врсници.

Разликуваме два вида несоница – краткотрајна, која трае само неколку дена или недели, и долготрајна. Долготрајната несоница се дефинира како период во кој детето има проблеми со спиењето најмалку трипати неделно, а овој проблем трае еден месец или подолго. Се нарекува и хронична несоница.

Знаци и симптоми на несоница

Промената во однесувањето на вашето дете, како што е легнувањето подоцна од вообичаеното, не е нужно знак за проблем со спиењето. Но, постојат знаци кои укажуваат дека детето може да има несоница. Во овој случај, детето обично го одложува легнувањето, има разни изговори зошто сè уште не е подготвено за спиење, често се буди во текот на ноќта и не може повторно да заспие.

Педијатрите нагласуваат дека детето што пати од несоница е многу уморно, расеано и нерасположено во текот на денот и нема мотивација да ги извршува секојдневните активности во кои уживало. Исто така, за појава на несоницата има многу различни причини, а тие најчесто вклучуваат:

-поминување премногу време пред екран пред спиење или недоволно време за мирни, тивки активности
-емоционални проблеми (стрес, анксиозност, депресија)
-лоши услови за спиење (премногу висока или премногу ниска температура во просторијата)
-одредени медицински состојби (астма, апнеа при спиење, синдром на немирни нозе)
-болести кои го отежнуваат доброто спиење, како што се настинки, болки во грлото или инфекции на увото.

Кога да побарате помош од лекар?

Иако повремената несоница кај децата е честа појава, родителите треба да побараат лекарска помош ако недоволното спиење влијае врз здравјето, секојдневното функционирање и училишната работа на нивното дете. Педијатрите, исто така, нагласуваат дека е добро да се побара стручна помош доколку проблемите со спиењето го прават детето вознемирено или ако тие траат подолго од две недели.

Извор



912

X