ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.09.2022
Македонија – Бугарија, уште едно разочарување?

Фудбалската репрезентација на Македонија по историскиот настап на Европско првенство и баражот за Светско бележи константен пад и на навивачите им носи само разочарувања.

Последен во низата неуспеси е поразот од Грузија на истиот оној стадион во Тбилиси на кој беше остварен големиот успех – пласманот на ЕП. Претходно, од истата таа Грузија доживеавме пораз и во Скопје, убедлив – 0:3, а лошиот настап во Лигата на нации беше најавен и со пропуштената победа против Бугарија во Разград. Во таква атмосфера на разочарување и неуспех доаѓа и од различно причини со нетрпение очекуваниот дуел со Бугарија во Скопје.

Самиот натпревар, пред почетокот на ова натпреварување се гледаше  можеби како клучен за освојување на првото место во групата, но сега остана само ревијален, или ако сакате, интересен само од аспект на актуелните односи помеѓу Македонија и Бугарија. Во ниту еден поглед настапот на репрезентацијата на Македонија во оваа сезона не може да се оцени како успешен, колку и да изјавува селекторот Милевски дека сме играле добро, ама сме немале среќа. Фудбалерите едноставно ја продолжија традицијата на останатите наши спортски селекции, после големи успеси едноставно да ги снема, да се редат неуспеси.

Натпреварот Македонија – Бугарија доаѓа во губитничка атмосфера

Во таква атмосфера доаѓа и натпреварот со Бугарија, во понеделник (26 септември), во 20.45 на Арената „Тоше Проески“. Голем дел од навивачите кои имаа желба да го следат овој дуел, после поразот од Грузија го менуваат мислењето, па се очекува дека трибините баш и нема да бидат полни. За тоа придонесе и чудната одлука на ФФМ за овој натпревар билети да не може да се купат онлајн, туку само лично, на пунктови кои и ги нема во сите градови во Македонија.

Дури и во такви услови, лебди прашањето дали во фокусот ќе биде фудбалската игра и дали нашите репрезентативци сепак за крај ќе покажат дека лошите игри биле само моментални, дека сепак имаме потенцијал за многу повеќе, или пак на трибините и воопшто околу целиот овој натпревар ќе преовладаат некои други, нефудбалски моменти, кои си ги чувствуваме како тешко бреме последните години.

Дефинитивно е јасно дека Македонија пласман на големо светско или европско натпреварување ќе треба да бара преку квалификации, а не преку овој , полесен начин преку Лигата на нации. Колку во тоа ќе успее, е прилично неизвесно со оглед на последните настапи.

Натпреварот со Бугарија може да биде интересен и запаметен и по нешто друго, но засега нема најави дека некој сака да биде така. Пред неколку дена сега веќе легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев официјално се повлече, отиде во фудбалска пензија. Зарем не заслужува на овој натпревар да му биде посветено внимание?

Во недела, 27 април, трето издание на „Супериор ранс-Стани, трчај“
Истражувања: ​Преку 95% од обложувачите на спортска долгорочно се во загуба