Тантрумите или изливите на бес, кои секое дете ги има во одреден момент од своето растење, често предизвикуваат чувство на беспомошност кај родителите, а една од најдобрите работи што можеме да ја направиме е да размислиме однапред и да ги спречиме пред воопшто да се случат, објаснува психологот Това Клајн. Меѓутоа, доколку навистина дојде до излив на бес, таа предупредува на неколку работи што секој родител треба да ги избегнува за да не ја влоши ситуацијата уште повеќе.

Да го оставите детето

Една од најголемите грешки што родителот може да ја направи кога детето има излив на бес е да го игнорира, односно да се оддалечи од него. Како што објаснува д-р Клајн, оставањето на детето за време на бесот е многу застрашувачко искуство за него. „Ако на вознемирено дете му кажете дека го оставате, ќе почне уште повеќе да паничи. Пораката што му ја праќате е дека не е сакано кога се чувствува лошо и токму во овие моменти детето треба да биде свесно дека родителот е секогаш покрај него“, предупредува таа.

Да му се смеете

Смеењето кога детето има излив на бес е уште една од оние работи што родителите треба да ги избегнуваат, вели психологот. Размислете, дали е навистина правилно да му се смеете в лице на вашето дете? „Кога детето е вознемирено, смеењето на родителите може да го натера да мисли дека неговите чувства се смешни, поради што ќе се чувствува многу лошо. Чувството за хумор е клучно во родителството, но не е препорачливо да се смеете на сметка на вашето дете“, објаснува таа.

Да го имитирате

Исто како и смеењето, имитирањето на детето се смета за исмејување со него и неговите чувства. „Со ваквото однесување родителите го учат детето дека е во ред да им се смее и да ги исмејува другите луѓе, особено оние на кои им е тешко или се чувствуваат лошо од која било причина. Ова е спротивно од она на што ние како родители треба да ги учиме нашите деца, а тоа е да се согласуваме со другите на најдобар можен начин“, објаснува д-р Клајн.

Извор



912

X