Таравари до амбасадорите: Да кренеме западен фронт против чумата на корупцијата

Искористувајќи ја смиреноста на овој зимски викенд, Ви се обраќам преку ова отворено писмо да ве замолам заедно да кренеме западен фронт за европеизација на земјата.

Искористувајќи ја смиреноста на овој зимски викенд, Ви се обраќам преку ова отворено писмо да ве замолам заедно да кренеме западен фронт за европеизација на земјата, а не со празни пароли на политичарите од кои граѓаните на државата се уморни и разочарани и кои што масовно ни бегаат кон Европа, туку со конкретни акции за решавање на нивната главна грижа која што ги потопи и последните надежи дека во оваа земја некогаш може да биде добро за нив и за идните генерации.

Оваа нивна, моја, но, и ваша грижа е чумата на корупцијата која ја зафати секоја пора на општеството, особено во врвот на власта каде партиските апаратчици се недопирливи. Тие се недопирливи, бидејќи партизираната и корумпирана правда им гарантира имунитет, дури и во случаите што ги отвори Организацијата на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) за злоупотреба на милиони со парите на европскиот даночен обврзник.

Поминаа 4 години откако поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски (СДСМ), беше фатен како заговара коруптивен тендер вреден 7 милиони евра финансиран од Европската банка за обнова и развој.

Исто така поминаа и 4 години откако поранешниот државен секретар на Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахиу (ДУИ) беше фатен како прима поткуп од 40.000 евра за да намести тендер вреден милион евра од ИПА фондовите.

Пред речиси 3 години беше откриено дека директорката на Агенцијата за европски образовни програми, Лидија Димова (СДСМ), злоупотребила стотици илјади евра од Еразмус+ фондовите и други европски образовни програми, на име на грантови за обука на магариња, коњи и фризерство. Истата го обвини нејзиниот претходник, Дарко Димитров (ВМРО-ДПМНЕ), дека во периодот 2016-2019 година злоупотребил 2,2 милиони евра од Еразмус+ коруптивно префрлувајќи ги на некои криминални здруженија.

Здравиот разум би рекол дека Македонија, како земја која чека да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, со парите на европските даночни обврзници ќе ги решеше овие случаи на корупција со најголем приоритет, за да испрати порака дека земјата применува политика на нула толеранција кон злоупотребите на европските фондови.

Вистината е сосема поинаква. Повиците на извештаите за прогресот/напредокот, за конечни пресуди во случаите на корупција на високо ниво остануваат мртва буква и сите овие корумпирани функционери шетаат слободно.

Ова е најдобрата слика за заробениот правосуден систем. И покрај милионите вложени во судството и обвинителството од страна на ЕУ и САД, партизираните и корумпирани судии и обвинители им обезбедуваат неказнивост на високите функционери на политичките партии. И кога неказнивоста е правило дури и кога се злоупотребуваат европските фондови, што да очекуваат нашите бизниси и граѓани кога им се прекршуваат правата или им се наметнува поткуп од државните функционери?

Како земја која има за цел да влезе во ЕУ, Македонија треба да го има владеењето на правото како примарна цел. На европскиот даночен обврзник и инвеститор мора да му се гарантира европски стандард во правото: Судот во Тетово и Судот во Велес мора да гарантираат иста примена на европските закони како Судот во Франкфурт или Судот во Мадрид. Во спротивно, членството на земјата во ЕУ нема смисла и Македонија не може да стане Европа.

Затоа, почитувани амбасадори на пријателските западни земји, ве повикувам заеднички да ги засукаме ракавите и да и објавиме војна на партизацијата на правдата и на корумпираните на секое ниво на власт.

Решението е едноставно и со некои од вас детално го имам дискутирано во рамките на пакетот за владеење на правото што го подготвија експертите на Алијанса за Албанците. Според нас, борбата против криминалот и корупцијата на високо ниво треба да се фокусира на три главни оски:

1. Ветинг во правосудството, во политиката и во администрацијата.

2. Конфискација на незаконски стекнат имот.

3. Дуплирање на инвестициите во правосудството и институциите за борба против корупцијата за да се обезбеди нивната независност и ефективност.

Предлозите на Алијанса за Албанците за владеење на правото колку што се неопходни толку се и применливи, доколку постои политичка волја внатре и надвор. Времето за дејствување е сега, објави Таравари во писмото.

Доменикали: Имавме 11 апликации за нови Гран при, но 24 трки по сезона е граница

 Главниот извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали зборуваше за интересот на многу земји да бидат домаќини на трка од шампионатот, но отфрли можност за повеќе од 24  Гран при во една сезона.

- Имавме 11 навистина сериозни апликации, во контекст на кои може да се зборува за можна организација на Гран при во иднина. Сериозен сум, има многу барања. И тука задачата да го направиме вистинскиот избор зависи од нас. Во исто време, бројот на Гран при во сезоната ќе остане на 24 етапи. На крајот на краиштата, не треба да заборавиме дека пред само неколку години имаше 17-18 етапи. Веќе направивме голем чекор напред додавајќи толку многу нови трки за толку кратко време. Ова беше диктирано од барањата на пазарот. Но, 24 Гран При по сезона е граница, истакна Доменикали.

Во светло на разговорите за можната организација на ГН на Чикаго во иднина, Доменикали рече дека Формула 1 дефинитивно не планира да го зголемува бројот на етапи по сезона што ќе се одржуваат во Северна и Јужна Америка.

- Тоа би било погрешно. Отидовме од една трка во Остин на три настани во САД...а потоа имаме трки во Монтреал, во Мексико Сити, во Бразил. Значи веќе има доволно такви фази во календарот. Искрено, не би очекувал дополнително зголемување на бројот на етапи во овој регион, додаде Доменикали.

Сезонава трките во Формула 1 почнаа во март, а ќе завршат во декември. /МИА

Србија се подготвува да ја одбележи годишнината од пукањето во училиштетo

Нинела Радичевиќ се уште не може да разбере дека нејзината ќерка никогаш нема да се врати.

Минатата година, 11-годишната Ана Бојовиќ штотуку пристигнала во своето училиште во центарот на Белград, кога друг ученик, тогаш 13, влегол внатре и отворил оган кон секој што ќе му застане на патот.

Бојовиќ, уште две девојчиња и училишниот чувар биле убиени на лице место во ходникот. Тинејџерот стрелец потоа влегол во блиската училница и го вперил оружјето кон учениците и наставничката внатре.

Убиени се вкупно 10 лица. Утрото на 3 мај 2023 година во училиштето загинаа осум деца и училишен чувар, а седум лица беа повредени. Еден од повредените, дете, подоцна почина од повредите.

Пукањето ја погоди Србија. На балканската земја не и е непознат насилниот криминал, но масовните пукања се ретки и вакво нешто не се случило во училиште претходно.

Уште поголем шок следеше само еден ден подоцна, кога 20-годишен маж почна неселективно да пука во близина на главниот град. Уби девет и рани 12 лица, главно млади луѓе.

За Радичевиќ времето застанува истото утро кога го губи своето девојче. Таа смета дека цела држава требало да застане по вакво незамисливо злосторство. Наместо тоа, таа изјави за Асошиетед прес - „сите брзо забораваат“.

Очи насолзени од тага, Радичевиќ зборуваше за АП во семејната куќа во Белград. На фтографиите до неа можете да видите девојка со крупни очи и долга кафена коса, која сакала спорт и танцување, а над креветот ги чувала медалите од натпреварувањето.

„Пребрзо ги забораваме трагичните настани“, вели Радичевиќ. „Оваа навика да се брише се и под тепих да се става - мора да престане.

Луѓето, вели таа, „треба да го препознаат значењето и трагедијата на тој момент“.

Собата на Бојовиќ во станот останува недопрена - на ѕидот виси светската мапа, а на креветот се поставени нејзините плишани играчки. Огромен фото-постер во рамка на кој таа стои со главата надолу во џудо опрема ја исполнува просторијата. Бирото е исто како што таа го оставила, а на ѕидот се закачени цртежи и пораки од хартија.

Радичевиќ, 49-годишен клинички истражувач, ги предводи напорите за зачувување на споменот на сите деца убиени во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и во двете села во близина на главниот град, за да не се повтори ништо слично.

Сè што правиме ние (родителите) е да се бориме да не се заборави 3 мај, да и дадеме некакво значење на жртвата на нашите деца“, рече Радичевиќ, која има и 17-годишен син. „Тие се жртвите. Но жртви на што?

Многумина во Србија го поставуваат истото прашање пред мрачната годишнина в петок, која ќе биде одбележана со еднодневна комеморација надвор од училиштето, вклучувајќи уметнички инсталации, дискусии со експерти и видеа за жртвите.

Програмата е наречена „Будење“ - очигледен повик за самоевалуација и интроспекција во земја која допрва треба да се помири со својата улога во бројните војни од 1990-тите и културата на насилство што преовладува оттогаш.

Во подготовките активно биле вклучени родителите на убиените деца. Тие се борат да го затворат училиштето и да го претворат во меморијален центар, организираат протести и меморијални настани и сведочат за нивните искуства за подигање на свеста.

„Фактот што децата се вратија во истото училиште само една недела подоцна, исто така во среда, на истите часови, покажува дека државата сакала брзо да создаде чувство на нормалност“, вели Радичевиќ.

„Она што требаше да се случи е дека Србија требаше да го запре овој 3 мај без оглед на државната поддршка“, инсистираше таа. „Моравме да застанеме, да размислиме, да разбереме што згрешивме, да кажеме ок, направивме грешки, да ги прифатиме и да видиме како ќе продолжиме од утре, како ќе се подобри ова општество.

Популистичката влада на Србија започна кампања против оружјето, собирајќи околу 80.000 оружје и муниција. Тимовите за поддршка поддржани од државата нудат советување, а полицајци се стационирани надвор од училиштата во Србија.

Двајцата напаѓачи се приведени. На родителите на тинејџерот им се суди обвинети се дека го научиле нивниот малолетен син да пука и дека не ги обезбедиле доволно пиштолите во семејната куќа.

Судењето на селскиот стрелец и неговиот татко треба да започне во мај во централниот град Смедерево, повеќе од една година откако злосторствата во Мало Орашје и Дубона ги оставија двете села парализирани од жалост и тага.

Шокот и гневот поради пукотниците минатата година предизвикаа повеќемесечни улични протести со барање за оставка на високи функционери и забрана на главните медиуми да шират говор на омраза и нетрпеливост. Една година подоцна, критичарите велат дека не се променило многу.

Сепак, професорот по психологија Драган Попадиќ смета дека тоа не е така. Според него, траумата создала чувство на страв и несигурност што не постоело во минатото и поттикнало активизам. Но, луѓето не се подготвени за порадикално разбирање, додава Попадиќ.

„Овие случаи на насилство се само врвови на еден организам роден во 1990-тите и минатиот век и кој порасна и зајакна“, рече тој. „Се додека не се справиме со самиот организам... нема да можеме да ја разбереме ситуацијата во која се наоѓаме“.

Радичевиќ рече дека Србија ја пропуштила „последната шанса за катарза“. Повеќето луѓе едноставно добија олеснување дека „тоа не е мое дете“ и продолжија понатаму, рече таа.

„Една недела подоцна, други деца отидоа да видат каде се случило (пукањето)“, рече таа. „Жал ми е, но мислам дека ова не е нормално. /МИА

Арсенал се надева дека Жоргињо ќе го продолжи договорот

Фудбалерот од средниот ред на Арсенал, Жоргињо може да го напушти клубот.

Според „Standard“, за 32-годишниот Италијанец силно се заинтересирани Јувентус, Лацио и Наполи. Во исто време, лондонскиот клуб се надева дека играчот ќе ги одбие понудите и ќе го продолжи договорот со Топџиите.

Оваа сезона Жоргињо одигра 35 натпревари, постигна гол и две асистенции.

Се шпекулира дека одлуката дали Жоргињо ќе остане во Арсенал во голема мера ќе зависи дали неговиот тим ќе ја освои Премиер лигата. /МИА

притисни ентер