Османи: Нема да има влада без договор за ветинг и сертификат од САД и ЕУ


Бујар Османи на митингот во Дебар

 

Кандидатот за претседател од „Европскиот фронт“ Бујар Османи на денешниот митинг пред граѓаните на Дебар изјави дека немало да се формира влада доколку немало договор за ветинг, а сертификатите за идните политичари да ги издавале САД, ЕУ и НАТО.

„Секој што ќе има претензии, да стане министер, директор, судија или обвинител, прво ќе треба да го добие сертификатот издаден од САД, НАТО, ЕУ… Само така ќе ни се исчисти сцената од руско влијание и корупција“, изјави Османи.

Тој ги наброја главните заложби од неговиот Декалог.

„Ако имав предизвик, како министер за надворешни работи, да ги отворам преговорите со ЕУ по 17 години чекање, верувајте дека како претседател можам да го завршам процесот за членство во ЕУ во следните 5 години, ќе го искористам целиот потенцијал на Европскиот фронт, целото мое знаење, знаењето од процесите што ги водев, моето искуство, моите контакти низ светот за да го завршам овој процес во следните 5 години“, рече Османи.

Според Османи, нема поголема штета, поголемо предавство што можете да ѝ направите на земјата од влошување на односите со САД.