Во Ликовниот салон во Велес отворена е самостојна изложбата „Look up!“ на академскиот графички уметник Ертунч Сали од Скопје. Тој првпат се претставува пред велешката публика со 16 дела графики кои се изработени во техника линорез.

Повеќето од графиките како што појасни за МИА уметникот, се комбинирани со други техники кои се неконвенционални за графиката. Тој информира дека неговиот обид за кршење на правилата во графиката може да се забележи во комбинација на класична и улична техника.

-Ваквата пракса за традиционалните графичари е бласфемија, херетизам, но за отворените умови е една нова игра. Сепак резултатите -испечатените графики- не се на истата страна со традиционалните, туку тие нудат нова визија, а тоа е суштината на „Look Up!“, потенцира авторот Сали.

Тој појаснува дека невозможно е мозокот да ја прифати големината на космосот, да ја разбере вселената со својата природа и да ја набљудува еволуцијата со целосна бистрост, меѓутоа нашата љубопитност е преродбеникот на нашето разбирање, што била најчестата реченица што се повторувала на повеќе портали кои му служеле за инспирација и тоа било доволно.

-Најдов нешто што ќе ме возбудува, ќе ме тера да истражувам, да се информирам, па да цртам. Биг-бенгот на секој уметник е различен, па и мојот. Кога ќе пукне, можностите што ги нуди во создавањето визии и идеи се бескрајни, потенцира Сали.
Тој потенцира дека од друга страна вселената е бескрајна и инспирацијата е насекаде. Се’ што треба да се направи е да се погледне нагоре во небото и ѕвездите кога е ноќ, а се е темнина .

-Еднаш се најдов во природа во темница, буквално црн мрак и кога гледав лево – десно страв ме фаќаше и во темнината се ми се причинуваа некои две очи кои ме демнат да ме нападнат. И во момент на паника нешто што можев да направам е да погледнам нагоре кон ѕвездите. Во Скопје тешко дека ќе ги видам тие ѕвезди, но на планина тие беа прекрасни, темен чаршаф со светли ѕвезди кој ми даваше некаков мир и таа ноќ решив да цртам цртежи „Look Up!“. Со секој поглед нагоре, ми стануваа јасни сликите. Јасни ми беа карактерите, преку кои ќе го искажам мирот добиен од универзумот. Сепак симболични и пред се лирични, појасни Ертунч Сали.

Неговата изложба минатиот месец беше претставена во Скопје.

Во Ликовниот салон во Велес сите заинтересирани љубители на уметноста ќе може да ја видат бесплатно во наредните две недели.