Вашингтон загрижен поради израелските операции пред посетата на Блинкен

Соединетите држави се загрижени дека безбедносната ситуација меѓу Израел и Палестинците би можела да се влоши во пресрет на блискоисточната турнеја на американскиот државен секретар Ентони Блинкен којашто треба да започне в недела, соопштија од Вашингтон по смртоносната операција од четвртокот на израелските сили.

Шефот на американската дипломатија ќе ги посети Египет, Израел и Западниот брег во екот на израелско-палестинските тензии. Стејт департментот објави дека Ентони Блинкен на 30-ти и 31-ви јануари ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас.

Посетата американскиот Стејт департмент ја најави само неколку часа откако израелските командоси убија седум вооружени лица и двајца цивили во операција во градот Јенин, во северниот дел од Западниот брег (на реката Јордан), територија која меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска од страна на Израел во израелско-арапската војна од 1967 година.

Израелските командоси убија седум вооружени лица и двајца цивили во операција во четвртокот во Јенин, соопштија палестинските функционери, поттикнувајќи го стравувањето од разгорување на насилството по најголемиот број жртви во годината исполнета со судири.

Израелската војска соопшти дека испратила специјални сили во Јенин да притворат челнови на радикална исламистичка вооружена групација за којашто се сомневаат дека „спровела и испланирала неколку големи терористички напади“, усмртувајќи „неколку од нив откако отвориле оган“.

Од движењето Исламски џихад, чија база инаку е другата палестинска енклава Појасот Газа, соопштија дека двајца нивни припадници се убиени во Јенин, кој според израелската војска претставувал милитантно упориште. Четворица од убиените вооружени напаѓачи биле припадници на Хамас кој владее со Појасот Газа од каде во 2007 година ја протера Фатх на Махмуд Абас и нејзините функционери, а еден загинат е припадник на вооруженото крило токму на партијата Фатах.

Убиени се и двајца цивили, жена и маж, соопштија локалните извори. Портпаролот на Абас ги осуди убиствата во Јенин како „масакр… спроведен со сомнителна меѓународна тишина“.

Барбара Лиф, највисока функционерка на Стејт департментот за Блискиот исток изрази жалење поради цивилните жртви.

„Очигледно постои можност работите да се влошат во безбедносна смисла“, рече Лив за новинарите во текот на конференцискиот телефонски брифинг, додавајќи дека во четвртокот неколкупати разговарала со американскиот амбасадор во Израел, Томас Нидес, како и со израелските и палестинските функционери.

САД повикуваат на деескалација и координација меѓу Израел и палестинските сили за безбедност, рече Лиф, иако Палестинската управа претходно објави дека поради споменатата ситуација ја прекинува безбедносната координација со Израел.