Некои работи се случуваат само во Македонија

Во цивилизиран свет каде има функционален здравствен систем и правично судство, лекарите и здравствените работници  се највредниот капитал на здравствениот систем. Заради ваквата вредност, освен што ја уживаат почитта од целото општество за својата улога, тие се и во извесна смисла заштитени со цел здравствениот систем да биде функционален а со тоа и да овозможува квалитетна здравствена заштита.

Нивната заштита не е апсолутна, туку во мерењето на резултатите од нивната работа се пресметани и многу други фактори, како факторот на услови во кои се работи и општ здравствен амбиент, факторот достапност на практики, медицински средства, персонал, апаратура итн.

А, ние остануваме парадигма за единствена земја каде се суди на доктор. Освен процесот за сторена измама, што се води против д-р Жан Митрев, можеме да се „пофалиме“ со уште еден пример за ставање на доктор во центарот на судски процес, д-р Бобан Вучевски. Но таа сага заврши со ослободителна пресуда, а процесот за д-р Митрев трае повеќе од една година и досега обвинителството ништо не успеа да докаже, напротив се поби самото себе.

Ако сме постојано предводени како мерило од западните примери и напредните демократии, во овој случај само би го посочиле примерот во САД, земја каде се почитуваат закони, се брани слободата на говор и владее демократија. Во оваа земја за време на ковид-пандемијата имаше издадено уредба, со која се обезбедува заштита на здравствените работници во услови на пандемија, со која се обезбедувал имунитет од одговорност во случај на загуба на пациент во текот на медицинскиот третман. Исклучок, се разбира, како што се вели во овој документ, било „намерното недолично однесување“.

И не станува збор само за тоа, туку во текот на целиот судски процес се покажа дека оваа метода наводно за која е извршена измамата се користела во сите болници кај нас, и државни и приватни. Тогаш врз основа на што е селективниот пристап и врз основа на што му беше одземена патната исправа повеќе од една година? Врз основа на што е блокирана сметката на болницата повеќе од година и пол?

Зборувајќи за времето за кога се одвива овој процес, низ бројки е потврдено дека просекот на смртност на пациентите заболени од ковид во Клиника Жан Митрев беше двојно помал oд бројките во Инфективната клиника во Скопје. Во текот на процесот се посочи дека на пациентите им се вратени околу 500.000 евра, и самите сведоци во случајот посведочија за тоа, и самото обвинителство го прочита како доказ тоа. Никој од сведоците лично не го познава, не зборувал со него.

Ова е можеби еден од најинтересните процеси во земјата, токму поради чудниот тек на судењето. Од аспект на тоа и дека сведоците не биле испитувани еден по еден во Обвинителството туку во група, па секој од секого ги слушал изјавите, што е недозволиво како пракса.

Можеби за овие издвоени случаи, што симптоматично се случуваат токму кај нас, причината треба да ја бараме токму во нас, во нашиот здравствен систем, во нашиот правосуден систем и во нашата објективност кон перцепција на работите наспроти подложноста на влијанија предизвикани од гласни и манипулативни пораки.