Интервју со Петковски од Агроплод Ресен: Без електрична енергија од фотопанели, трошоците за струја ќе ни беа за 20-27 % повисоки

од Vladimir Zorba

Томе Петковски од фабриката Агроплод Ресен нема дилема дека најавеното зголемување на данокот на додадена вредност од 1 Јануари, ќе влијае на цената на електричната енергија.

Најголемиот товар во енергетската криза според него и понатаму ќе го носат компаниите кои се на слободниот пазар и за кои нема субвенции, па затоа е од особена важност вели тој, да се зголеми домашното производство и поддршката на инвеститорите кои сакаат да постават фотоволтаици .

„Со оглед на фактот дека берзанските цени се далеку повисоки од цените на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, прашање на време е кога постепено ќе се намалуваат субвенциите на државата на сметките на електрична енергија од причини што истото на долг рок е неодржливо за буџетот. Доколку оваа состојба потрае, прашање е дали субвенциите за цената на струјата ќе бидат доволни, објаснува Петковски.

Во однос на упростените постапки за поставување фотоволтаици ја поздравува заложбата наВладата, но смета дека има уште простор за да се забрза процедурата.

Како работодавачи предлагаме користење на едношалтерскиот систем за вадење на сите документи, РКЕ да ја издаде лиценцата веднаш или во рок до 7 дена по прием на барањето, субвенции за ЕВН и ЕСМ за забрзување на постапките и приклучоците, како и формирање на ад хок тело од страна на Владата кое ќе ги интензивира процесите преку забрзување на постапките, вели Петковски, уверен дека и покрај предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, сите инвестиции во фотоволтаици ќе ги завршат до крајот на годинава.

Пренесувајќи го своето искуство со обновливите извори на енергија Петковски потенцира дека трошоците за поставување фотоволтаик на земјиште се за 30-40% повисоки од поставување на кровна конструкција и два до три пати временски подолги.

„Без  произведената електрична енергија од фотопанели, трошоците за електрична енергија ќе беа повисоки за 20-27 %.Доколку се  забрзаат постапките за лиценци и се овозможи продажба на произведениот вишок на електрична енергија од компаниите ќе се постигне оптималниот ефект од инсталираните фотоволтаици.

Од први јануари сенајавува зголемување на ДДВ-то за електричната енергија од 5 на 10 % што се очекува да се одрази и на крајната цена на струјата.Дали зголемувањето на данокот дополнително ќе го отежни работењето на стопанството во услови на економско-енергетска криза?

-Покачувањето на цената и ценовната политика се синтеза од различни фактори. Она што најмногувлијае во моментот е директното субвенционирање од Владата на ЕСМ и ЕВН Хоме поради што цената што ја плаќаат граѓаните е далеку пониска од берзанските цени. Прашање на време е до кога ќе може буџетот на државата да го издржитоа бидејќи големо е влијанието на ефтиното домашно производство и на берзанската цена на електричната енергија. Тие кои го носат целиот терет на оваа енергетска криза се компаниите кои се на слободен пазар за кои нема никакви субвенции и не се опфатени се мерките на Владата. Сепак покачувањето на данокот ќе влијае на постоечките сметки за струја доколку ништо друго од влезните пресметки за електрична енергија не се промени.

Со оглед на фактот дека берзанските цени се далеку повисоки од цените на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, прашање на време е кога постепено ќе се намалуваат субвенциите на државата на сметките на електрична енергија од причини што истото на долг рок е неодржливо за буџетот. Доколку оваа состојба потрае, прашање е дали субвенциите за цената на струјата ќе бидат доволни. Затоа е особено битно, интензивно да се работи на домашното производство на електрична енергија, субвенционирање на домашни инвеститори за искористување на сите можни потенцијали за производство на електрична енергија, вклучување на граѓаните со заштеда на електрична енергија, општините да применуваат енергетски поефикасни системи за осветлување,целосно искористување на хидропотенцијалот и слично.

Доколку домашната потрошувачка се намали за 35% и за исто толку се  зголеми домашното производство,а трошоците за диструбуција се намалат за 50 %,  тогаш како држава ќе бидеме помалку изложени на ценовни шокови од берзански осцилации на цената на електричната енергија. Треба да се обрне внимание и на трошокот за дистрибуцијата на електрична енергија како ставка која силно ја оптеретува цената на електричната енергија а  произлегува од губитоци во мрежата. Оваа ставка влијае на секое правно и физичко лице во државата а зафаќа поголем дел од сметката за електрична енергија.  Во оваа насока, потребно е да се направи притисок ЕВН што е можно повеќе ги санира овие ставки кои бараат континуирани инвестиции во преносно дистрибутивниот систем, РКЕ да бара план со мерки за намалување на овие загуби што во иднина ќе влијае на намалување на оваа ставка во сметките за електрична енергија  многу повеќе од ставката на ДДВ.

Неодамна стапија на сила упростените процедури за поставување фотоволтаици и тоа откако и граѓаните и фирмите реагираа дека процесот непотребно се развлекува поради обемна документација.Какво е вашето искуство?Кои документи се сега потребни и за колкав период може постапката да биде во целост завршена?

-Процедурата за поставување на фотоволтаици  е сеуште обемна и обремената со голем број документи, па оттука,секоја мерка од Владата за намалување или кратење на овие постапки е добредојдена.  Кратењето се однесува на постапката во урбанизам за кое не е потребно решение . Нашето искуство покажува   дека има повеќе постапки во кои може со соодветни интервенции да се намали и забрза постапувањето и пуштањето во оптек на веќе изведените и изработените производствени капацитети за електрична енергија.Нашиот предлог за надминување на ваквата состојба предвидува  интервенција во административни постапки и тоа на следниот начин: Користење на едношалтерскиот систем во процесот на вадење на сите документи, РКЕ да ја издаде лиценцата веднаш или во рок до 7 дена по прием на барањето, субвенции за ЕВН и ЕСМ за забрзување на постапките и приклучоците, како и формирање на ад хок тело од страна на Владата кое ќе ги интензивира процесите преку забрзување на постапките. Некои од интервенциите, особено во однос на бараните  измени во законот за земјоделско земјиште за овозможување Агрофотоволтаици  во подрачја каде што има интензивни овошни насади ќе им  овозможат на  овие подрачја да развијат економски исплатливи системи, но и промена на градските осветлувања со лед, разни планови за енергетска ефикасност и тн.

Со какви се проблеми се соочувате во обид да ги намалите трошоците за потрошена електрична енергија, и воопшто која беше причината зошто порано не влеговте во постапка за поставување сончеви колектори?

-Во насока на намалување на  трошоците се врши измена на работното време на работните процеси, нивно целосно оптимизирање во согласност со  трошоците на електрична енергија, зголемување на инвестиции во енергетска ефикасност, кратење на трошоци секаде каде што е возможно, поставување на фотоволтаични централи со цел заштеда и копмпензирање на сопствената потрошувачка на електрична енергија и  тн. Самите фирми кои поставуваат фотопанели имаат зголемен обем на работа, па нивната изведбата не оди брзо бидејќи работат на повеќе проекти, а континуирано имаат промени на цените поради транспортни, увозни и други трошоци.Претходно, низа проекти се одложија и  поради кризата  наметната од Covid 19.

Иако овие инвестиции во фотопанели беа предвидени уште пред три-четири години, нивната реализација беше одложена  поради низа други приоритетни програми и бизнис планови ( на пример во Агроплод 2020/21 година беше завршена докапиталиција, извршена конверзија од АД во ДООЕЛ , постапка за припојување на Свисслион Аграр ДООЕЛ кон Агроплод). Секако дека ќе беше подобро порано да се реализираат сите инвестиции во фотонапонски централи , но  планирано е  да бидат завршени конечно до крајот на оваа година.

Колкави се трошоците на една компанија за да постави фотоволтаик? Дали инвестицијата е исплатлива?

-Трошоците на една компанија за поставување на фотоволтаици се условени од почетната позиција. Доколку се однесува на поставување на земјиште, неговата пренаменаи сите други пропратни документи е поскапа варијанта бидејки вклучува трошоци за имотно правните постапки, трошоци за потконструкција и период за добивање на неопходните дозволи. Колку за споредба, трошоците за поставување на земјиште се 30 % -40 % повисоки од поставување на фотоволтаици на кровни конструкции и два до три пати подолги.Во случај да се поставува фотоволтаик на кровна конструкција се избегнуваат постапки како имотно правно уредување на земјиштето  и  фотопанелите може побрзо да се постават и стават во употреба .Цените за оваа позиција отприлика изнесуваат од 550 евра/kw до 670 евра/kw за целосно инсталиран систем, плус трошоците за лиценци, проекти и  разни дозволи во зависност од капацитетот на планираната моќност на фотоволтаичната централа. Во однос на трошоците за електрична енергија, можам да посочам  пример: Во август 2021 год. цената беше 16 955 евра,  а во август 2022 г. цената е 82 600 евра односно пораст на цената за 4,8 пати повеќе. Мерливоста на потрошените киловати  не може прецизно да се изрази  бидејќи во наведениот период има инвестиции во нови линии на производство и нови технологии а индикатори се бројот на ангажирани часови, обемот на производство и тн.

Од друга страна, кај производството од фотопанели  индикатори себројот на сончеви денови, должина на денот и други параметри.  Без  произведената електрична енергија од фотопанели, трошоците за електрична енергија ќе беа повисоки за 20-27 %. Компаниите целосно се ангажираат со сопствени средства и инвестиции да ги санираат последиците предизвикани од оваа енергетска криза. но за истото е потребно време, средства и  затоа е добро Владата да помогне забрзувајќи го овој процес. Доколку се  забрзаат постапките за лиценци и се овозможи продажба на произведениот вишок на електрична енергија од компаниите ќе се постигне оптималниот ефект од инсталираните фотоволтаици.

Ако тргнеме од претпоставката дека инвестирањето во фотоволтаици не значи дека компаниите го решиле проблемот со високите цени на струјата останува прашањето колку енергетската криза влијае на обемот на вашето производство и колку владините антикризни мерки ќе му помогнат на стопанството?

-Влијае на самата конкурентност на производите, особено поради  конкуренцијата од надвор што ќе доведе до неповратно губење на голем број на пазари, потрошувачи, вработени и слично кои се во  голем дел неповратни процеси. Добро е што побрзо  да се донесат и имплементираат мерките на Владата за да се спаси домашната економија и барем приближно да се доближи до странските компании кои за разлика од домашните  користат голем број бенефиции по однос на придонесите, разните дотации, ослободувањата….  На овој начин се  губи  високостручниот  и квалитетен кадар  кој е неопходен поради што се создава дополнителен притисок и нелојална конкуренција во делот на вработените. Парите  што ги добива од домашните компании преку даноци и придонеси, Владата  ги трошии ги стимулира странските инвестиции, поради што домашните фирми ја губат конкурентноста и стануваат неликвидни. Губењето на конкурентноста е индиректна загуба за самата држава , бидејќи токму преку домашните компании – преку даночната политика  најбрзо се враќаат инвестициите . Отсуството на мерки од страна на  владата ќе резултира со негативни последици во наредниот период кога фирмите нема да имаат профити и ќе покриваат загуби, а државата ќе нема приливи во буџетот.

Како  се справувате со предизвикот да го одржите производството, цените, а со тоа и потрошувачите? Кои се производите кои најмногу поскапеа и дали очекувате дополнителни корекции на цените?

-Предизвикот да се одржи производство е голем, со низа пропратни проблеми кои се јавуваат,  Индиректно го наметнува и инфлацијата, како и зголемувањето на трошоците за речиси сите производи. Воедно,поскапува и и потрошувачката кошница бидејќи граѓаните  во време на вакви кризи се ориентираат повеќе кон основните прехрамбени производи отколку кон кондиторските  Најмногу поскапеа производите на база на брашно, шеќер и масти. Се очекува тренд на зголемување на цените на производите  во согласност со зголемување на инпутите, енергенсите и цената на трудот.

Вашите производи се едни од  најпрепознатливите на македонскиот пазар и тоа особено според својот квалитет.Колку е предизвикувачки да останете меѓу најдобрите со сите “удари’’ кои ги чувствувате?

-Нашите производи  се добро изградени брендови кои егзистираат повеќе години, а  некои од нив и повеќе од 40 години. Имаат голем број на  имплементирани стандарди, FSSSC 22000, HACCP, Kosher и Halal сертификати кои го гарантираат квалитетот и безбедноста на производите како и трендовски развој на органски производи со висок степен на безбедностнаменените за детска храна и  чувствителни категории на потрошувачи, со вертикална контрола на сите фази на производство до финални производи кои опфаќаат земјоделски производи, нивни преработки во финални прехрамбени производи, живинарство производство на јајца и кондикторски производи со извоз во повеќе држави,  Наградени се за квалитет од многу држави и на  саемски манифестации . Најголем дел од производството е наменет за извоз, а  добро познат факт е дека со нашите проиводи пораснале повеќе генерации и се единствените кои се синоним за најдобар сооднос на квалитет и цена. Континуирано се соочуваме со проблеми и предизвици кои се решаваат, но за  оваа енергетска криза добро е и нашата држава да помогне со проширување на  антикризни  мерки за домашните прехрамбени компании со цел излез од оваа енергетска криза.

К.В.С.

Слични содржини