Nехt.е.Gо, фирмата која требаше да добие државна помош за да гради електрични возила во Македонија отиде во стечај.

Всушност ова е втор пат оваа фирма во нејзината кратка историја да започнува постапка за несолвентност, откако веќе еднаш прогласи банкрот во 2020 година.

Производителот на автомобили ги наведува „најновите случувања и предизвици во индустријата за електрични возила“, како и нестабилноста на финансиските пазари како причини за обновениот банкрот.

Надлежниот суд во Ахен назначил „експерт за реструктуирање“ како администратор за несолвентност кој ќе ги испита опциите за продолжување на постоењето на e.Go во наредните недели.

Пред неколку дена, поточно на 8 март Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони ТИРЗ објави дека како застапник на Владата во Договорот за доделување на државна помош со компанијата е.Го го запира извршувањето на Договорот и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства.

Запирањето на доделувањето на државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата „мајка“ во СР Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош“, информираа од ТИРЗ потенцирајќи дека и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата.

Македонската Влада во август 2022 година даде даде согласност на Договорот за доделување на државна помош склучен меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ (Next.e.GO Mobile SE).

Германската НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ од Ахен тогаш се обврза да инвестира околу 130 милиони евра во фабрика во технолошко-индустриската зона во Тетово во која ќе се произведуваат електричните возила e-go. Владата информираше дека со новата инвестиција ќе се отворат 3-4.000 нови работни места.

Инаку, германската компанија e.GO Mobile во април 2020 година прогласила банкрот, за да на 1 септември 2020 година дека целиот бизнис на компанијата го презема холанскиот фонд ND Industrial, на која како основач се јавува тетовчанецот Назиф Дестани, сопственик и на компанијата Ecolog од Тетово.