Петровска – Ларсон Џеин: Со Шведска во НАТО, евроатлантската област ќе биде посигурна и побезбедна

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин, со која разговараше за зацврстувањето на стабилноста и безбедноста во евроатлантската област и зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата, соопшти МО.

Министерката Петровска на средбата потенцирала дека Северна Македонија целосно го поддржува полноправното членство на Шведска во НАТО, што, како што нагласила, е потврдено и преку веќе ратификуваниот пристапен протокол за членство на оваа нордиска земја во Алијансата.

–Собранието на Република Северна Македонија на 27 јули го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Шведска и Финска во НАТО. Тоа е решителен чекор кој ќе ја зацврсти безбедноста на двете земји и на евроатлантската област. Со Шведска во НАТО, Алијансата е посилна, а граѓаните во земјите – членки се побезбедни, рекла министерката.

Петровска порачала дека сега е моментот двете земји да работат на интензивирање на билатералната одбранбена соработка, наскоро и како две земји – сојузнички во НАТО.

Министерката за одбрана и Ларсон Џеин се согласиле дека двете држави се на иста линија во однос на поддршката на Украина и нејзиното право на самоодбрана.

Министерката се осврна и на потребата од забрзување на евро-интегративниот процес за Северна Македонија и се заблагодари за континуираната шведска поддршка на патот на полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.

Амбасадорката Ларсон Џеин изразила благодарност за брзата и ефикасна ратификација на пристапниот протокол и порачала дека постои исклучително голем потенцијал за развој на одбранбената соработка помеѓу двете земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e