Осомничените за милионскиот скандал со ваучерите во Кривичен суд

Осомничените за милионскиот скандал со ваучерите во Кривичен суд

Поранешни и сегашни функционери, портпарол на политичка партија, директори – и останатите осомничени за нелегално доделување на спортски ваучери на рочиште во кривичниот суд. Ќе чекаат одлука дали ќе им се одреди мерка на претпазливост. Како што брифираат од Кривичниот суд, на вон главна расправа ќе се одлучува по предлогот на обвинителството. Предлогот се однесува на 12 осомничени – дел од нив негираа вина и истрагата на ОЈО ја квалификуваа како тенденциозна.

Обвинети се за злоупотреба на службената положба поради аферата тешка 5 милиони евра за доделување ваучери преку Агенцијата за млади и спорт .

Антикорупционерите уште лани во февруари алармираа дека нешто во работата на Агенцијата за млади и спорт „не штима“. Тогаш ДКСК посочи дека Централната комисија без отчет доделувала ваучери во вредност од милијарда денари годишно по разни основи без никаква транспарентност како се трошат овие пари.

„Постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет, од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, изјави членот на ДКСK, Владимир Георгиев на 03.02.2023 година.

Освен кривично гонење, од Владата тогаш беше побарано да се разреши првиот човек на Агенцијата, поради сомнежи за злоупотреби на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови, а тој пак најави тужба против ДКСК.

Ваучерите кои почнаа да се доделуваат во 2018 година за финансирање на спортот се најавуваа како систем токму за заштита од финансиски малверзации. Од државната каса секоја година се одвојуваа по неколку милиони за да се помогне спортот. Парите беше предвидено да ги помагаат федерации, клубови и спортисти, а истите да добијат и даночно олеснување од 50 проценти.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )