Бугарски политичар до Мицкоски: Нема да има премиер што ќе оди против интересите на Софија

од Nikola Popovski

Нема да дозволам Бугарија да се користи за внатрешно-политички цели во Северна Македонија, порачал претседателот на бугарската партија Движење за права и слобода (ДПС), Делјан Пеевски.

Пеевски ова го истакнал по вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Апсолутно недозволиви и неприфатливи се зборовите на партиски лидер од нашата соседна земја дека ќе чека „поразумен премиер“. Нема оправдување Северна Македонија да се оттргне од нејзиниот евроатлантски пат, додал Пеевски, објавија бугарските медиуми.

Тој дирекно му се обратил на Мицкоски во својата реакција.

-Нема да има бугарски премиер што ќе оди против интересите на Бугарија. Од вас се очекува правилно да го исполните Договорот (за добрососедство и пријателство) потпишан со Бугарија. Потсетуваме дека Бугарија како земја направи многу со својата поддршка за Северна Македонија, чие место треба да биде како членка на ЕУ, истакнал политичарот.

Во јуни 2021 година, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) го санкционираше Пеевски заедно со уште двајца Бугари, како и нивните мрежи што опфаќаат 64 ентитети, за корупција во Бугарија.

Од парламентарните избори во Бугарија на 2 април лани, Пеевски се здоби со важност во бугарскиот парламент, каде што почна да ја игра улогата на неофицијален портпарол на неговата партија. На 7 ноември истата година, претседателот на ДПС Мустафа Карадаја поднесе оставка, отворајќи го патот за трка за негов наследник.

Мицкоски вчера порача дека доколку Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш, како што посочи, би се свртеле кон исполнување на домашната агенда и ќе чека нова владеачка гарнитура во Софија.

-Не гледам од што се повлече Бугарија. Не гледам такво нешто. За прв пат, билатерален договор е дел од преговарачката рамка. Такво нешто во ниту еден друг случај не постои. Добрососедските односи се сосема друга работа, а има меѓународни критериуми што значат добрососедски односи. Зборувам за билатерален договор, покажете ми уште еден таков пример. Нема. Подготвен сум да одам и да ги аргументирам нашите позиции каде било во светот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Бугарија се подготвува за уште едни општи избори, шести од април 2021 година, откако популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 28 март одби да формира влада. Ова е третата партија што го одби мандатот за формирање влада. Изборите ќе се одржат на 9-ти јуни.

Слични содржини