Благоухание – тајната на мирисите

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Сетилото за мирис е анатомски тесно поврзано со деловите во мозокот кои се однесуваат на паметењето и на сеќавањето. Значи, сетилото за мирис, нашиот нос, има директна врска со „архивата“ на нашиот живот.

Доволно е на поминување крај непозната куќа да помирисаме мирис што ни е познат од нашето сопствено детство за да се почувствуваме веднаш вратени во времето кога ние сме биле деца. Мирисот е најефемерната, најнедофатливата, целосно невидливата, бестежинската, но, понекогаш, најсилната супстанција што има моќ да го врати само во еден миг сето богатство на слики, чувства и ликови од минатото. Има луѓе што се будат со чувството дека во ноќта ја сонувале својата почината мајка, затоа им се чини дека уште во носот го мирисаат нејзиниот мирис.
Науката потврдува дека бебето го знае мирисот на мајка си уште од мајчината утроба. Телесната близина на мајката му сугерира заштитеност не само преку допирот, туку и преку мирисот на телото на мајката. Детето ја препознава мајка си веднаш по раѓањето по нејзиниот мирис, а тој му помага да се намали и интензитетот на болката. Во еден научен експеримент била истражена отвореноста на бебињата кон непознати луѓе. Само во случаите кога крај бебето се наоѓало парче од облеката на мајката, со нејзиниот мирис, тоа полесно ја прифаќало и непознатата личност. Се вели дека мирисот на мајката помага кај детето да се развие визуелното внимание.

Свет без мириси, свет без живот

На празникот Духови, кој западните христијани го славеа на овој викенд, чинот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите понекогаш се симболизира со тоа што од покривот на црквата „паѓаат“ врз главите на верниците мирисливи лисја од цветови на рози. Во православната црква свештеникот слегувањето на Светиот Дух го симболизира фрлајќи во сите четири правци грстови од ловорови лисја. Потоа сета црква е „послана” со ловор! Тогаш небаре задувува мирислив ветер низ црквата, невидливо навестувајќи го присуството на Светиот Дух, кој во православните молитви се нарекува Животодавец.
Тоа значи, тајната на животот е поврзана со мирисот. Уште потајновит за нашите модерни уши е старословенскиот збор за мирис или миризма, имено, благоухание. Глаголот „благоуха“ е составен од „благ“ и од „уха“. „Ухати“, на старословенски значи „дува“, „дувнува“, но и „диши“ и, секако, „мириса“. Благоухание е мирислив провев, мирислив ветер, нешто што се шири низ воздухот, како и нашиот здив, како дишењето кое, конечно, е самиот живот.

Миризбата на скопскиот јуни

Во Светото писмо се вели дека Бог му „ухнал“ живот на човекот кого го создал од земја. Бог му го дарил својот „жив здив“ на човекот. Паметам, моите костурски егејски баби ни „ухнуваа“ на местото на кое сме се изгребале, кога како деца ќе падневме, а ние верувавме дека со тоа сме „излечени“.
Зборовите „уха“ и „миризма“ што ги знам од раното детство од говорот на моите егејски баби, за мене потоа станаа шифра за најтаинственото поврзано со суштината на животот. Затоа зборот „миризма“ (а не миризба!) е клучна шифра во моето литературно творештво. Само уште старословенскиот збор за миризма е за мене поетска и филозофска шифра.
Во зборот мирис или миризма уште не е јасно изговорена благоста и пријатноста. Иако има и мириси кои не се благи, кога зборуваме за тајната на мирисите секогаш мислиме на благопријатните. На мирисите на храната, на расцутената природа, на мирудиите и лековитите треви, на парфемите. Сетилото за мирис кај човекот е поврзано со два нерва, олфакторикус и тригеминус. Вториот ги регистрира непријатните мириси кои не раздразнуваат и вознемируваат, а првиот пријатните. Светот без мириси би бил без живот.

Мирисите од изминатиот живот

Значењето на мирисите досега беше присутно само во литературата, најмногу кај Марсел Пруст, но модерната наука сè повеќе ја разоткрива причината зошто мирисите имаат толку силно влијание врз мозокот за да може еден благ, недофатлив провев на мирис познат од минатото да го повика во паметењето сето богатство на изминатиот живот кој, понекогаш, не оставил никакви други видливи траги во стварноста, освен тој запис во архивата на нашиот мозок.
Така мајка ми го гледаше пред себе сиот нејзин живот додека стоеше во густежот од зеленило кое беше израснало таму каде што пред половина век во селото Бапчор, во Егејска Македонија, се наоѓаше куќата на нејзината фамилија. Немаше ниту камен останат од старите ѕидови на куќата, немаше никаков белег од животот во неа, но мајка ми го препозна местото, каде што таа куќа стоела, според видикот што се отворал од нејзините прозорци. Тој видик врз планинскиот превез уште беше истиот.
Но, уште посилно во неа беа присутни сите мириси на нејзиниот некогашен живот. И таа како во ритуал ги редеше мирисите на нејзиното детство и младост, од мирисот на ливадите преполни со расцутени диви синолички, кој таа го чувствуваше во воздухот додека ги гледаше синозелените падини пред себе, до оној на градините во есен, преполни со зрели плодови. Тој, патем, беше најтрауматичниот за неа. Кога бегале во војната, било доцно лето и сиот род во градините и полињата останал несобран.
Сепак, таа по половина век радосно ја мирисаше во умот миризмата на својот дом. Таа на „стисовите“ на куќата, на душемето, на килимите, на чардаците, на утрата, кои за неа мирисале на топлото овчо млеко. Кога луѓето ја напуштаат својата татковина, тие ги понесуваат со себе само мирисите од изминатиот живот.

Сетилото за мирис поврзано со емоционалното паметење

Колку мора да е длабока тајната на мирисите, а со тоа и тајната на човечката душа, сознаваме токму во мигот кога ќе го почувствуваме, навидум, одамна заборавениот мирис од нашето детство, што прави веднаш да станеме деца. Во таа смисла, не мора да се вратиме на местото каде што било нашето детство, за да бидеме еден миг пак „во него“. Затоа што повеќе од местото, детството и изминатиот живот може да ни го врати токму миризмата.
За тоа пишував првпат во романот „Снегот во Казабланка“. Науката го објаснува на егзактен начин механизмот на кој делуваат мирисите врз нашиот ум. Сетилото за мирис е анатомски тесно поврзано со деловите во мозокот кои се однесуваат на паметењето и сеќавањето. Тоа значи, сетилото за мирис, нашиот нос, има директна врска со „архивата“ на нашиот живот. Токму затоа најмалечкиот, најкревкиот провев, тоа чудесно „благоухание“, може во една секунда да ги врати во животот најдалечните спомени. Да го повика пред нас, небаре е пак жив, ликот на личноста која одамна не е со нас.
Мирисите ги намалуваат болките, вели науката, но психологијата потсетува дека тие може да не потсетат и на трауматски доживувања од минатото. Причината за тоа е поврзаноста на сетилото за мирис со нашето емоционално паметење. Структурата на нашиот мозок, блискоста на сетилото за мирис со центарот за паметењето, е причината зошто мирисите и сеќавањето се толку длабоко поврзани. Човекот со здраво сетило за мирис може да разликува 10.000 различни мирисливи нијанси. Секој што постојано има контакт со различни мириси и се обидува да ги запамети, со тоа ја подобрува својата перцепција.
Во некои понови истражувања за дејството на мирисите беше утврдено дека студентите и учениците подобро ги запамтуваат содржините што им се предаваат, доколку училницата „пријатно мириса“. Кога низ училницата „благоуха“, пријатно провева мирисот на лимон и портокал, тоа ја стимулира концентрацијата на учениците. Особено за децата кои наутро уште се „поспани“, мирисите на лаванда или на мандарина им помагаат брзо да се „разбудат“ и да се концентрираат. При писмените работи децата правеле помалку грешки, доколку просторијата е исполнета со свежата арома на лимонот.

(Авторката е писателка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Преземено од Дојче Веле
[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот