„Вашингтон пост“: САД одобриле испраќање оружје во Израел на денот кога беа убиени хуманитарци во Газа

by Fokus

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобрила префрлање на илјадници бомби во Израел истиот ден кога седум хуманитарни работници на организацијата Светска централна кујна (WCK) беа убиени во напад на израелската армија, објави денеска „Вашингтон пост“.

Владата на САД има овластување да ја прекине испораката на оружје во секое време, но тоа не е сторено ниту во овој случај.

Веб-страницата објави дека Белата куќа не одговорила на обвинувањата, додавајќи дека трансферот на оружје ја покажува „решителноста на администрацијата да продолжи да испраќа смртоносно оружје“ во Израел, и покрај убиствата во понеделникот.

По нападот на израелската армија врз хуманитарниот конвој, Бајден изјави дека е „огорчен и со скршено срце“ поради убиството на хуманитарците и повика да не се повторуваат слични настани.

– Им даваа храна на гладните цивили среде војна. Тие беа храбри и несебични – рече Бајден.

WCK во вторникот објави дека ги прекинува операциите во Газа по нападот во кој загинаа седум нејзини работници.

Организацијата WCK соопшти дека нејзиното возило било нападнато во центарот на Газа доцна во понеделникот, откако работниците помогнале да достават храна и други залихи во северна Газа, кои пристигнале неколку часа претходно.

Поврзани новости