Search

Бајден: Ќе се погрижиме за кинескиот шпионски балон

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека Вашингтон ќе се погрижи за наводниот кинески шпионски балон што бил забележан како лета над САД.

Бајден ја даде оваа изјава како одговор на прашањето дали САД ќе соборат „сомнителен кинески балон за надзор” што беше забележан како лета над државата Монтана.

Пентагон во четвртокот соопшти дека американската војска открила кинески балон за набљудување на голема височина над континенталниот дел на САД. Висок воен претставник рече дека американската влада размислувала да го собори балонот, но одлучила да не употреби воена сила поради потенцијалните ризици.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи вчера изјави дека балонот бил цивилен и се користи за метеоролошки и други научни цели и дека непланирано отстапил од предвидениот курс. Балонот вчера бил виден над Канзас Сити, Мисури, а утрово бил забележан над Северна Каролина, според метеоролошката агенција AccuWeather.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа претходно планираната посета на Кина поради откривањето на кинескиот балон. Пентагон вчера објави дека е забележан уште еден кинески балон над Латинска Америка, без да прецизира каде точно, наведува британската агенција.

Треба да знаете
Последни објави