Ќе биде пеколно во финишот на првенството: Вардар загуби и од Брера, Шкупи го искористи киксот на Струга

Струмичка Брера со 2:0 го победи Вардар во меч од 29 коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Со оваа победа, Брера скокна на шестото место на табелата и овој тим може мирно да го дочека крајот на првенството, нешто што никако не може да се каже за Вардар.

За Вардар ова е четврти пораз во последните пет кола и остана на 29 бодови што е доволно само за 10 место на табелата кое води во баражот за опстанок.

Некогашниот вардарец Матеј Цветаноски е херојот на Брера постигнувајќи го голот за 1:0 на стадионот „Кукуш“ во Турново и тоа во 24 минута. Вардар во продолжение имаше јалови напади, што е и очекувано од тимот кој ја има најслабата реализација (Вардар има дадено само 21 голови во 29 кола). Во последните моменти од мечот, Брера по еден контра напад преку Ивковиќ стигна до 2:0.

Изненадување направи Силекс кој со 3:2 на гости славеше во Струга против шампионот Струга ТЛ. Подвигот на кратовци е уште поголем ако се знае дека Струга водеше со 2:0 по 34 минути игра.

Поразот на Струга ТЛ го искористи Шкупи, кој во многу драматичен меч со многу пресврти, славеше над Тиквеш со 3:2. Чаирчани први дадоа гол, потоа гостите од Кавадарци стигнаа до 2:1, но Шкупи не се предаде и прво во 86 минута израмни на 2:2, а потоа во 90+7 минута домаќините стигнаа до триумф од 3:2.

Македонија ЃП која се бори за опстанок водеше со 1:0 на гости кај Работнички, а на крајот средбата заврши 1:1.

Резултати: Брера – Вардар 2:0, Работнички – Македонија ЃП 1:1, Шкендија – Гостивар 4:1, Шкупи – Тиквеш 3:2, Струга ТЛ – Силекс 2:3, Воска спорт – Брегалница 4:0.

Табела

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести