Елизабета Линднер за историјата, визијата и иднината на СловоКулт (прв дел)

Елизабета Линднер ни зборува за нејзиното чедо СловоКулт, издавачка куќа и онлајн списание за уметност и култура на македонски и германски јазик. Таа е дипломиран германист, магистер по германска книжевност, авторка и главен и одговорен уредник на СловоКулт. Живее и работи во Германија.

Зачетоците на „Словокулт“?

СловоКулт започна во 2007-2008 како портал за македонска книжевност на германски, каде објавувавме германски преводи на прозни и поетски текстови од македонски автори.

Почна надежно и ентузијастички, малкумината преведувачи од македонски на германски се поврзаа меѓу себе, па СловоКулт беше платформа и можност, тие да ги презентираат своите преводи. Најпрвин ми се чинеше дека е тоа соодветен простор и концепт за промовирање на современата македонска книжевна сцена во Германија, што се чинеше и прилично успешно, бидејќи неколку важни портали за источна Европа и неколку институти за Славистика го презентираа линкот.

Првите години: Игор Исаковски и Блесок

Првите неколку години сето тоа делуваше надежно, бидејќи имав интензивна и одлична соработка со Игор Исаковски и Блесок, за кој, пак, јас преведував и уредував книги од германски, па ми се чинеше дека можеме да направиме интересна размена меѓу земјите и јазиците, зашто ние веќе и почнавме сериозно да презентираме германски автори во Скопје, како Инго Шулце, Бенјамин Штајн и други.

Секако дека и во Германија ќе успееше да се развие и соодветна презентација и надвор од онлајн просторот – како што беше нашата презентација на Саемот на книгата во Лајпциг 2010 на неколку мали настани, кои се остварија со поддршка на организаторите на македонскиот штанд тогаш*, па така имавме и одлична презентација на СловоКулт со поезија на Исаковски – а имавме и неколку помали презентации во Берлин.

Но сепак, за одржување на содржините се потребни финансии, а тие тешко се добиваат за онлајн портали и списанија. Јас веќе почнав да размислувам за поинаков концепт, а по смртта на Игор Исаковски нештата за мене драстично се сменија, и лично и професионално – а тоа секако се одрази и на СловоКулт.

* Здружение на албански издавачи од Македонија

Издавачката куќа СловоКулт Берлин и онлајн списанието СловоКулт

Во 2015 ја основав издавачката куќа СловоКулт Берлин како трговец поединец, а од 2016 СловоКулт доби нов концепт и нова веб адреса и се претвори во македонско онлајн списание за избрани современи текстови (тежиште поезија и кратка проза) и ликовна уметност од македонски и германски (но и други) автори, кои токму овде се спојуваат во една нова интердисциплинарна целина.

2017 со ист концепт и содржини започна и германското онлајн списание СловоКулт – а со тоа се етаблираше и двојазичноста на содржините, – која и за мене исто така има ем лична, ем професионална важност, – а и уметничкиот израз, чиј квалитет е од пресудно значење за да се биде застапен на СловоКулт. Ние немаме повик за испраќање дела, туку селекцијата секогаш е поврзана со лична покана за објавување. Ова е секако поврзано и со концептот, но и со немањето (неплатено) време да се чита и прегледува обемен материјал, од кој со оглед на високите критериуми на списанието, сигурно крајниот избор ќе биде многу мал.

Проширување на тимот

СловоКулт како онлајн списание започна без поддршка и, со исклучок на 2018 и 2019 кога имавме малку средства од Министерство, и понатаму преживува без поддршка, со што се разјаснува и невозможноста да се има редакција. Со финансиска поддршка веднаш имавме можност да ангажиравме професионалци,  значи настанаа повеќе содржини, а конечно можеа да се воведат и други рубрики за критика (Осврти и Став наместо Страв – критички размисли и есеи), кои мене ми беа особено важни, но кои бараат време и посветеност – односно соодветни хонорари за да се сработат.

Александра Димитрова пишуваше осврти, се направија повеќе преводи од англиски, српски и особено германски на македонски и обратно, но како што спомнав, без средства не може да се одржи тој континуитет, затоа содржините се прилагодуваат и на другите активности на СловоКулт. А бидејќи не застапуваме автори и уметници кои се застапени во мејнстримот, потешко е да се добилижиме до публиката.

Излегувањето од веб просторот и соодветната презентација на содржините во живо беше секако една од главните идеи, која се развиваше и понатаму, а за која исто така е потребна финансиска поддршка.

Во СловоКулт беше вложен голем труд и ентузијазам за да никне, како за онлајн содржините, така и со обидот 2016-2017 да се направи редовно читање со соодветен концепт и баш во Концепт 37 со настанот: Не турска, не шпанска, туку книжевна серија (1. сезона – поети читаат проза и 2. мотиви од романите во поезијата) – за што им благодарам на сите што беа волни неплатено да се ангажираат во овој убав обид, кој за жал не донесе успешно продолжение на настаните.

Биенале за современи уметности СловоКулт :: литерАРТура, текст/визија/звук

Но во 2018 година конечно имавме мал успех кога се оствари првото издание на биеналето за современи уметности СловоКулт :: литерАРТура, текст+слика, а во 2020 проширено во текст/визија/звук – интердисциплинарно, мултимедијално и повеќејазично презентирање во кое при склопот на уметничките дела настанува едно ново дело во живо – еден нов уметнички перформанс во моментот на презентација и само овде во тој облик. (Овој концепт потекнува од мојата уметност, за тоа ќе кажам нешто повеќе во вториот дел на текстот.)

Во 2018 во Македонија немавме средства, но сепак успеавме со помош на ангажманот на Дијана Томиќ како уметнички директор за ликовна уметност, учесниците кои сами си обезбедија пат, како и со поддршка од Арт Еквилибриум и Акантус да направиме солидна презентација во Гевгелија и Скопје, дури со гости од странство; 2018 во Берлин со поддршка од Министерство и од општина Панков (Бротфабрик Берлин) успеавме да донесеме и македонски автори и уметници во Берлин и да направиме солиден настан со изложба и читање со проекција на ликовни дела и преводи.

2020 година: предизвици

Во 2020 беше планирано фестивалот да се развива и подобрува, но како што е познато 2020 беше страшна година за културата… но сепак во септември успеавме да реализираме настан во Гевгелија (Бош фестивал) и Скопје (КИЦ мала галерија и градина) со проширениот концепт, кој за наша голема среќа досега не бил остварен од други, односно ние сме први кои го презентираат во овој облик – но, заради рестрикциите, за жал немавме можност целосно да го изведеме како што треба: со повеќе учесници од странство (во МК само Звонко Карановиќ) и со публика во Берлин (АКУД Театар), од каде по многуте промени, сепак на крај имаше директен пренос преку стрим…

И покрај сe, 2020 сепак беше успешна година заради поддршката што ја добивме за биеналето и во Македонија (Министерство) и во Берлин (Сенатот на Берлин и ТРАДУКИ), и заради тоа што презентацијата ќе остане забележана преку видео материјалот што го имаме.

Translation in motion,

Во 2021 година СловоКулт имаше и настан во Рига, со латвиски поети, каде конечно успеавме да го презентираме концептот онака како што сакаме, но за жал немаме видео материјал, само фотографии и сеќавање. Публиката беше одушевена, а за мене тоа беше големо признание во друга, или подобро кажано, во „сосема трета“ култура.

И овој настан беше поддржан од институција, европската програма Translation in motion, и куќата за автори и преведувачи од Вентспилс, кои ме поддржаа да учам латвиски и да преведувам поезија.

Што носи иднината на СловоКулт?

Соработката останува, поетите се поканети да бидат дел од следното издание на биеналето, кое би требало да продолжи во 2023: за да избегнеме ризици од вирус и војна, а и бидејќи на првиот конкурс не добивме поддршка од Берлин – 2022 ќе ја скокнеме и се надеваме дека 2023 ќе имаме услови да го изведеме онака како што доликува: што подразбира „нормални“ услови во светот, добар тим и финансиска поддршка, секако, а со ова уште еднаш нагласувам, дека културната работа е невозможна без поддршка, а за да се добие таа потребно е да се изоди долг и мачен бирократски пат, кој за уметниците е катастрофален.

Елизабета Линднер (Извор: SlovoKult, (c) SIlvia Lorenz / Силвија Лоренц)

One thought on “Елизабета Линднер за историјата, визијата и иднината на СловоКулт (прв дел)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *