Непосредно пред изборниот молк, таа на нејзиниот Фејсбук профил напиша:

-Од мигот кога се појавив како потенцијален кандидат за претседателските избори, па до денес, сум под постојан брутален притисок од „најголемата“ опозициска партија и нејзините кучиња и мегафони. Бараат од мене најбезобразно да ги дадам гласовите кои вие сте ми ги дале мене (дури и уште пред да ги добијам)! Бараат јавно да гласам. Па, еве штом инсистираат, пред молкот, да им кажам зошто нема да гласам. – го започна Ванковска своето траорно писание.

Во исто време Ванковска ги убедува своите поддржувачи да не прават неважечки гласови, затоа што со нив ќе има цензус.

Во продолжение интегрално го имате нејзиното бојкотирачко писание, за да не рече дека некој е медиумско куче и ја вадел од контекст:

Ќе го тргнам настрана фактот што Мицкоски почна со навреди за измеќарка (без никаков повод). Очекував од Силјановска да ми се извини во негово име, но таа молчеше. Нештата станаа појасни кога пред ТВ камери кажа да не очекуваме од неа јавно да му се спротивставува на Мицкоски. Значи, очекувајте меден месец на владата и претседателката ако успее операцијата. Сите што не се за нив, се најголеми непријатели.

Второ, медиумите никогаш не ги интересираше што нудам, туку дали ќе ги дадам гласовите на „пријателката“ (без воопшто нда знаат дали сме воопшто пријателки, што е и небитно за политиката). Феноменот на „пријателство“ во политиката постои само во недемократски персонализирани режими, во кои субјектите се однесуваат согласно личните врски и интереси, во тендерашките коалиции и дубари во кои и шуто и рогато ќе се договорат меѓу себе. Тие сакаат Rex наместо Lex, систем заснован на лични познанства и односи, а не на закон, идеологија, политичко убедување, морал и совест.

Трето и НАЈВАЖНО, излегов со програма која е АПСОЛУТНА негација на сето она што го нудеа сите други кандидати, дел на една ИСТА компрадорска елита, која е повеќе загрижена за странците одошто за националните интереси. Како можам да гласам за некој кој е за НАТО и за зголемување на воените трошоци додека деца лечиме со донации? Како да гласам за некој кој Преспа не ја ни спомнува, а Бугарскиот договор ќе го надоградува со анекси и креативни толкувања? Како да гласам за некој кој ќе внесува Бугари во Устав со одложено дејство (ретард)? Како да застанам зад некој знае меѓународна политика од книгите на Перл Бак за Кина? Како да бидам ЗА некој кому Рамковниот договор му е светиња? Како да гласам за некој кој не знае што е безбедносна дилема, а имала повеќе (во главата?)? Како да гласам за некој за кого Газа не постои!!!

Јас би ги излажала сите 40-тина илјади гласачи кога сега би ги повикала да гласаат за помалото зло. Би си поплукала на себе и на својата програма.

Ми поставуваат и едно глупаво прашање: а како тоа Гога ти беше одлична во 2019 година, а сега не ти чини? Затоа што во 2019 година таа не беше политичарка и не беше вмровка, ами жена спремна да се бори за нацијата. Ѝ помагав (меѓу другото и со програмата) затоа што мислев дека веднаш по Преспа нам ни треба ОТПОР. Но, духот на отпорот се стопи под топлото сонце на привилегиите. Сега е во лошо друштво и уште се гордее со него. Таа е сега апологет, а „школата на демократијата“ што ја минала во парламентот (заедно со оној срамен процес Жан Моне со кој го сменија деловникот) всушност ја сменила неа, наместо обратното. Затоа, заедно со десничарската агенда која ја нуди, јас не можам со мирна совест да ѝ го дадам мојот глас, а да останам левичар. Стево не заслужува ни коментар (Апасиев има за него подобри епитети) – тој едвај чека да си замине во богата пензија.

Јас замолчувам уште сега што се однесува до политичките работи. Секој од нас со својот ум и совест. Тоа е демократија, и ништо друго! Ќе беше подемократски да не ме принудеа јавно да кажам што ќе правам со своето ливче, но претераа – и ова е мојата пресметка со тие „кучиња на политиката“ на кои им течат лиги од помислата дека ќе добијат привилегии веднаш по изборите.